„Ааа, па ти си прав Карапанџа!“

Бидејќи овој израз кај нас сѐ уште се употребува како синоним за добар готвач, дефинитивно сме сигурни дека и покрај присуството на стотици готвачи од сите страни на светот на интернационалниот кулинарски натпревар „ГастроМак“, токму Стево Карапанџа е сѐ уште најголемата ѕвезда

0
852

Стево Карапанџа кој ѝ стана познат на широката југословенска јавност преку кулинарската емисија „Мали тајни на големите мајстори на кујната“ е претседател на меѓународното жири на четвртиот Интернационален гастрономски натпревар „Гастро Мак“ кој годинава се одржува во Охрид.

Иако зафатен со обврските околу натпреварите и интервјуата со големиот број новинари, тој успешно и насмеано се справува и со своите обожаватели, со самите натпреварувачи, па дури и со нивните мајки на кои насмеано им отпоздравува кога ќе му ги стават пред нос вклучени во живо преку некои од модерните начини на комуникација, скајп или месинџер.

Па така, одвои малку време и за нас, сосема доволно за да ни открие некоја своја мала тајна, па дури и онаа дека нема никакви тајни.

„Во нашата работа нема тајни. Јас сум еден од оние готвачи кој никогаш не криел како се прави некое јадење, напротив на секој колега или млад готвач секогаш сум сакал да им покажам како да направат некое јадење. Додуша, работев самостојно, бев сам свој шеф па ми беше лесно. Но таму кадешто сум работел тимски, кадешто сум имал повеќе луѓе, како на пример, како шеф на кујна во хотел кадешто работеа 120 луѓе, не можете да чувате тајна затоа што во тој случај ќе мора да работите сами. Кај слатките пак, кај колачите, мора да се почитува точната рецептура и не е сеедно дали ќе се стави едно јајце повеќе или помалку, дали ќе се стави повеќе или помалку шеќер. Тука мора да го знаете точниот рецепт. Кај солените јадења веќе можете да експериментирате, можете да пробате, па да додадете или да одземете нешто, има повеќе креативност. Јас лично никогаш не ги правам јадењата ниту премногу солено, ниту премногу луто. Има луѓе кои знаат да кажат дека некое јадење не е доволно солено, па јас некогаш сум и дрзок и безобразен, па знам да им кажам: ‘имаш сол на маса, па можеш да си додадеш’. Сепак мора да водиме сметка дека има луѓе кои и не смеат да јадат многу солено, а дефинитивно не можам да ги разберам луѓето кои ставаат сол веднаш, уште пред да го пробаат јадењето. Јас на еден мој добар пријател кој секогаш кога ќе добие супа добро ја соли без да ја проба, еднаш му направив солена супа, па кога тој ја досоли и потоа ја проба, му се смачи“, се смее Карапанџа.

Дека нему омилено јадење му е гравче тавче кажал веќе многу пати, како и дека најдоброто го има токму тука, во Македонија. Но си го подготвува и самиот кога е дома, во Ловрен. Всушност, вели дека слабост му се готвените јадења.

„Јас јадам многу со лажица, сакам добра манештра, како што викаме ние во Истра кадешто живеам, а мојата парола е: ‘давам бифтек за добро вариво’. Инаку, да обожавам да јадам гравче тавче и овие 2-3 дена колку што сум тука, се давам во тоа јадење. Во Истра е популарно едно јадење кое се вика манештра од „бобичи“, тоа е млада пченка која се вари заедно со грав, како чорба, а се додава малку суво месо, малку ребренца, за да замириса убаво и јас тоа го сакам најмногу од сѐ“, ни го открива својот омилен рецепт големиот мајстор на кујната Стево Карапанџа и љубезно се мести за следната фотографија.