Блендирањето на храната не е толку здраво

Блендираната храна може да предизвика нагол скок на шеќер и инсулин во крвта. Истражувањата потврдиле дека многу процеси во дигестивниот тракт се активираат само кога џвакаме.

0
847

Дали поради помодарство или пак поради постојаната трка по здрав начин на живот, кои често може да ги одведе луѓето во погрешна насока, многумина повеќе не јадат од чинија, туку консумираат храна од чаша, затоа што класичните оброци ги замениле со блендирани. Уверени се дека на тој начин добиваат повеќе хранливи состојки од намирниците, а со самото тоа и поздрав оброк. Дали е баш така?

Докторката Ивана Шарац, научник во областа на исхраната на Институтот за медицински истражувања во Белград, во интервју за српскиот весник „Новости“ објаснува кои се предностите и мааните на блендираната храна и на течните оброци:

-Блендирањето на храната, како и цедењето на намирниците, ги разорува клеточните ѕидови и ослободува хранливи материи од различни соединенија, со што ги прави подостапни за искористување, односно варење и ресорпција. Течната, односно блендираната храна, побрзо поминува низ дигестивниот тракт, подостапна им е на ензимите, има подобар контакт со цревниот епител, па и нивната ресорпција е побрза и поефикасна.

Дали таа брзина е секогаш добра и пожелна?

Не е, затоа што може да предизвика нагол скок на шеќер и инсулин во крвта. Исто така, студиите покажуваат дека течниот оброк доведува и до послабо чувство на ситост, како и до поголем енергетски внес во следниот оброк. Заради тоа течната храна е оправдана секогаш кога е потребна брза и ефикасна ресорпција. Значи, кај потхранети лица или после напорна физичка активност, но кај дијабетичарите и оние со вишок килограми, би требало да се биде внимателен.

Што се случува во стомакот кога ќе изедеме, односно, испиеме течен оброк?

Течната храна побрзо минува низ дигестивниот тракт, и заради тоа, ако се внесе во поголема количина, може да доведе до пореметување на варењето и појава на тегоби. КОга обилниот течен оброк ќе стигне со стомакот, дигестивниот систме не може наеднаш да се избори со толкава количина хранливи материи, и заради тоа овој оброк неадекватно се вари. Тоа може да предизвика надуеност, пад на притисиокот, чувство на поспаност, враќање на храна од желудникот во хранопроводот, ослободување на гасовите и појава на грчеви. Не реагираат сите лица подеднакво на тоа, некои се почувствителни.

Заради што е значаен процесот на џвакање?

Со џвакањето се ситни храната, слично на блендирањето, но во многу помала мера. Истражувањата потврдиле дека многу процеси во дигестивниот тракт ае активираат само кога џвакаме. Уште во текот на џвакањето почнуваат да се лачат дигестивни сокови од желудникот и панкреасот, дури и пред да стаса храната во нив.

Самиот процес на џвакање придонесува и за чувството на ситост. Со џвакањето се стимулира и лачењето на плунка, која не само што го започнува и олеснува варењето на храната, туку и ја штити усната празнина и забите од микроорганизмите. Исто така, со механички притисок се чистат забите и се засилува потпорниот апарат на забите, такашто се спречуваат кариесот, парадонтопатијата и паѓањето на забите. Кај децата, џвакањето доведува до правилно формирање на вилици и развој на заби, но и за побрз развој на говорот.

Добра ужина

Дали би требало сосема да се избегнува блендираната храна? – Не, затоа што таа има свои предности. Особено ужините се добри во таква форма. Генерално, во исхраната имаме недостаток од овошје и зеленчук. Сигурно е подобро за ужина да се избере „смути“ отколку помфрит, лиснато пециво, чипс, колачи или вештачки сокови.

Дали намирниците ги губат хранливите елементи кога премногу ќе се иситнат, односно ќе се исцедат или изблендираат?

Постои битна разлика помеѓу цедење и блендирање. При цедењето се отфрла дел од намирницата кој е нутритивно богат, што е лошо. Затоа треба да му се даде предност на блендирањето во однос на цедењето, затоа што тука не се отфрлаат хранливите материи. Меѓутоа, и кај блендирањето и кај цедењето се губат нутриенти како последица од  разградувањето под дејство на кислородот, светлината или ензимите од храната кои се ослободуваат и активираат. На пример, после сечкањето на храната се ослободуваат ензими кои го разложуваат витаминот Ц, кои ги оксидираат полифенолите и каротеноидите, па доведуваат до темнеење на храната и губење на антиоксиданси, или кои го разложуваат пектинот- важно растително влакно кое го зголемува чувството на ситост, го забавува варењето на храната и ја намалува ресорпцијата на шеќери, масти и холестерол, па така спречуваат појава на дебелина, дијабетес и зголемени маснотии во крвта.

Што се случува под дејство на кислородот и светлината?

Најмногу хранливи материи се уништуваат во контакт со кислородот. При блендирањето, се ослободуваат чувствителните нутриенти од заштитните споеви, а се уфрлаат ситни меурчиња на воздух, па е така олеснет контактот со кислородот. На тоа е особено чувствителен витаминот Ц, но чувствителни се и другите витамини, антиоксиданси, па и некои масни киселини. Се покажало дека само мучкањето на сокот од портокал значително ја намалува содржината на витамин Ц во него. Исто така, стоењето на светло ги разорува витамините од Б групата, особено Б2, но и витамините А и Е и некои масни киселини.

Како може да се намали уништувањето на хранливите материи после блендирањето?

После блендирањето, најмногу штета предизвикува стоењето, затоа што се продолжува времете за разложување под дејство на воздухот, светлината или ензимите. Затоа е најважно блендираниот оброк да се консумира што побрзо и да не стои. Доколку веќе мора да стои, важно е да се чува во фрижидер, затоа што се забавуваат сите реакции на разложување, во затворен темен сад, значи заштитен од дејството на светлината и кислородот.

Нема замена

Зошто не е добро цврстата храна сосема да се замени со течна односно блендирана?

Човековиот дигестивен  тракт и метаболизмот едноставно не се навикнати и „генетски“ подготвени само з атечен вид на храна. Затоа, кога и да можеме треба да ги јадеме намирниците онака како што ги создала природата, во нивниот оригинален облик. Значи, подобро е да се изџвака јаболко отколки да се испие изблендирано.

Понекогаш е оправдано

Кога е оправдана исхрана само со течни оброци?

Постојат лица со оштетена функција за џвакање и голтање и кај нив е апсолутно индикативно внесувањето на течна храна. Но тоа се ретки случаи, болни со карциноми, лица со повреда на вилицата. Исто така, таква исхрана се советува и кај пациенти со оштетување на дигестивните органи поради полесно варење. Честопати и постоперативно се дава течна храна или после прележано тешко заболување. Оправдана е и кога е неопходно  да се обезбеди побрзо и поефикасно искористување на нутриентите и пополнување на резервите во организмот.

loading...