Брзи, интензивни, ароматични и вкусни десерти

Сигурно денеска сите веќе застанавте на домашната вага и сигурно веќе сфативте зошто ви е сѐ тесно. А допрва доаѓаат и уште некои празници - утре е Св.Стефан, а за 5 дена и Василица. Ајде, ајде, има време до лето...ќе се слабее

0
194

Еве два рецепти за колачите кои можете да ги направите набрзина, доколку не ви остана баш ништо од празничните. Лесно се прават, вкусни се, а и добро изгледаат.

Непечен колач

Состојки:

400 г кекси

200 г лешници и ореви (или само едно од нив)

100 г кокос

1 лажица рогач

100 г омекнат путер

100 мл млеко (или по потреба, за да можете да го обликувате колачот)

сок од 2 портокали

100 г црно чоколадо

Приготвување:

Се мелат кексите и лешниците и оревите и се ставаат во сад во кој се додаваат сите останати состојки (освен чоколадото), се мешаат прво со лажица, а потоа со рака. По потреба додавате уште малку од некој од сувите или од некој од мокрите состојки додека не добиете смеса која лесно се обликува.

Ако имате од оној калап за торти со обрач што се става и вади, земете го и обликувајте ја смесата во него. Потоа ќе го ставите во фрижидер да се стегне.

Стопете го чоколадото со малку млеко и путер и премачкајте ја површината на колачот, па вратете го во фрижидер. Најдобро е да го направите навечер, пред да си легнете, а можете да го дегустирате рано наутро, со кафе.

Куглоф со суво овошје

Состојки:

4 јајца

400 г брашно

100 г кафеав шеќер

300 г суво овошје или повеќе (суви смокви, суви сливи, брусница, суво грозје, урми, кајсии …)

100 г омекнат путер

50 г кокосово масло

кора од 1 портокал

150 мл млеко

1 рака сечкани лешници, ореви, бадеми (или од се по малку или само тоа што имате)

1 прашок за пециво

1 лажичка цимет, 1/2 лажичка ѓумбир, малку мелени каранфилчиња, малку морско оревче, 1 лажица рум

Приготвување:

Изматете ги јајцата и шеќерот, па додадете ги путерот и маслото, брашното со прашокот за пециво, а потоа и сите останати состојки и зачини.

Истурете ја смесата во калапот за куглоф, премачкан со путер и поросен со брашно и печете околу 50 минути на 180 степени.

Кога ќе се излади, превртете го во чинија и прелијте го со растопено чоколадо. Украсете со тенки ливчиња од бадеми.

loading...