Бушава Ката

Зошто овој колач се вика ‘Бушава (Чупава) Ката’ во Хрватска, односно ‘Бушава (Чупава) Деса’, во соседна Србија, навистина незнам. За делот - ‘Бушава’, има објаснување, а за имињата - па веројатно рецептот потекнал од некои вредни домаќинки кои ги носеле овие имиња, којзнае! Патем, знае ли некој која е македонската верзија?

0
882

Имам една другарка, се вика Кате, а мојот прв внук, од сестра ми која живее во Белград, кога еднаш кај нив на гости ние две тинејџерки се спремавме за излегување во големиот бел град, а тие имаа рестрикции на струја, и Кате се шминкаше на светлоста од свеќа, резултатот предизвика ваква реакција кај мојот тогаш малечок внук: „Кате е како божица“! Косата ѝ беше малку бушава, ама наместо бушава Кате, тој ја нарече божица Кате.

Кате и ден денеска е горда на овој ‘комплимент’.

Инаку, приказнава и нема врска со рецептов, ама се потсетив на неа вечерва, кога на гости кај една од повозрасните велосипедистки во градов која денеска го славеше својот роденден (не е важно кој е по ред, важно е дека почнува на седмица), госпоѓа Зорица Блажевска, наместо здодевна роденденска торта, ни понуди ‘Бушави Кати’.

Мислам дека нема некој кој, ако сѐ уште не пробал, барем слушнал за овие вкусни старински колачи.

Вкусни? Ми ‘завиткаа’ и за дома. А го добив и оригиналниот рецепт, онака, како што госпоѓа Зорица ги прави со години наназад.

А зошто се вика ‘Бушава (Чупава) Ката’ во Хрватска, односно ‘Бушава (Чупава) Деса’, во соседна Србија, навистина незнам. За делот – ‘Бушава’, има објаснување, а за имињата – па веројатно рецептот потекнал од некои вредни домаќинки кои ги носеле овие имиња, којзнае!

Еве го сега и рецептот за овие сочни и вкусни ‘бушави’ колачи.

Состојки:

За тестото:

100 г шеќер

5 жолчки

350-400 г брашно

200 г путер

1 прашок за пециво

1 ванилин шеќер

За премачкување:

4 лажици џем од кајсии

За филот:

100 г шеќер

5 белки

150 г мелени ореви

4 големи јаболка

Приготвување:

Прво изматете ги жолчките со шеќерот, па додадете ги другите состојки (путерот мора да биде на собна температура). Треба да ги мешате малку подолго, додека не добиете мрсно тесто кое ќе го поделите на два дела.

Едниот дел развлечете го во подмачкан калап 20х30 см, а другиот дел ставете го во замрзнувач.

За филот: Изматете ги белките со шеќер во цврст снег, додадете ореви и сето тоа промешајте го лесно, со лажица.

Премачкајте ја кората со џемот од кајсии, па ставете ги ренданите јаболка, а потоа фил. Преку филот изрендајте го вториот дел од замрзнатото тесто поради кој и колачот се вика ‘Бушава Ката/Деса’.

Се става да се пече во рерна на 200 ºC околу 20-30 минути, во зависност од рерната.

Потоа, се става во фрижидер малку да се олади и стврдне и се послужува исечено на коцки. По желба можете да го поросите со шеќер во прав, како што направила госпоѓа Зорица, но и не морате. Впрочем, таа призна дека згрешила: ‘колку помалку шеќер, толку подобро’.