Василка Стефановска: Да им помогнеме на децата да ѝ се доближат на природата и поздраво да се хранат

Наша цел е преку проекти успешно да имплементираме градини во основните училишта. Сакаме преку успешна кампања со подготвени материјали за наставниците да поттикнеме интерес кај многу чинители во нашето општество, вели претседателката на Слоу фуд Водно и професорка во СУГС „Лазар Танев“.

0
950

Професорка во средното угостителско училиште од далечната 1983.година, нашата соговорничка Василка Стефановска наскоро заминува во пензија, но тоа не значи и дека ќе се пензионира. Имено, освен што е професорка, госпоѓа Василка е и претседателка на Слоу Фуд Водно (дел  од меѓународната, непрофитна организација Slow Food, со седиште во Италија, во која членуваат повеќе од 140 земји).

Токму филозофијата на оваа организација – заштита на традицијата во исхраната, начинот на подготовка на храна, одгледување на градинарски култури кои се автохтони, е поттик за нејзиниот проект – Училишни градини, нешто што функционира веќе четврта година во угостителското училиште, а од неодамна и во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ со тенденција и идеја да се имплементираат градини  во сите основни училишта во земјава.

Како дојде до вашиот ангажман во Слоу фуд и кои се вашите главни активности?

Понекогаш убавите работи ви се наметнуваат сами. На интернет читав за ова движење. Имаше многу убав проект за училишна менза и ме заинтересира. Заедно со мојата колешка Анета Мострова пребарувавме, направивме контакт со организацијата во Италија, Потоа дознав дека и во Македонија има таква организација. Најдов контакт со Нада Карајанова и тркалото почна да се тркала. Веќе цели десет години сум дел од приказната на Слоу Фуд. На почетокот бевме мала група ентузијасти, за денес да прераснеме во сериозна мрежа од 13 заедници низ Македонија. На повидок е формирање на Национална Организација Слоу Фуд Македонија.

Инаку, станува збор за организација која има седиште во Италија, а во неа членуваат повеќе од 140 земји. Основната порака на нашата организација е преку активностите да ја заштитиме традицијата во исхраната, начинот на подготовка на храна, одгледување на градинарски култури кои се автохтони. Го поддржуваме и начинот на одгледување на стари автохтони сорти на домашни животни, почитувајки ги методите кои овозможуваат нивна благосостојба.

Проектите за едукација се моите главни активности. Едукација на вкусови, работилници за подготовка на храна, работилници за преработки од зеленчук и овошје. А мојата најомилена активност е Училишната градина.

Кога почна проектот со училишните градини, чија беше идејата, каде сѐ се одвива, како реагираат децата?

Со помош на нашите пријатели од Италија кои финансиски ни помогнаа уредивме една градина која веќе четврта година функционира во угостителското училиште.

Наша цел е  преку проекти успешно да имплементираме градини  во основните училишта. Сакаме преку успешна кампања со подготвени материјали за наставниците да поттикнеме интерес кај многу чинители во нашето општество. Сите заедно да им помогнеме на децата да ѝ се доближат на природата, но и да научат поздраво да се хранат.

Голема поддршка во однос на стручниот дел имаме од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Училишната градина е совршена алатка за да обезбеди практични искуства за учење за било кој наставен предмет.

Минатата недела во соработка со здружението „Дијалог“ бевме гости во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“. Учениците од трето одделение беа активни учесници во садење семиња од домати, магдонос, босилок и друго.

Илјадници прашања, насмеани и ведри лица, вредни рачиња. Едно големо браво за иницијативата на нивните наставнички Анета Павичиќ Аначкова и Силвана Арсова и поддршката од родителите.

Дополнително, градината обезбедува место за изучување на времето, инсектите, почвата и другите еколошки теми. Тоа е идеален модел на живеалиште за проучување на екосистемите. Искуствата од реалниот живот значително придонесуваат за разбирање на учениците и задржување на новото научно знаење.

Ние имаме подготвена програма и научни материјали за системот на водење на градините. Потребна ни е помош од институциите за да можеме сето тоа да го спроведеме, сега засега со мали иницијативи ќе помогнеме секаде кадешто ќе не повикаат. Но најдобро е да се овозможи една убава кампања за градини во училиштата кои ќе функционираат по одредени правила и на научно ниво. Имам верба, јас сум борец и мислам дека овој наш глас ќе стигне до институциите и компаниите кои можат да бидат наши поддржувачи. Нивната поддршка денес е здрава иднина за нашите деца утре.

Дали и самите во својот дом (или двор) успевате да одгледате нешто свое, органско, домашно и вкусно, барем зачини?

За жал живеам во стамбена зграда. На терасата, онолку колку што ми дозволува просторот садам зачински билки. Училишната градина е моето земјоделско катче.

Кој предмет го предавате и дали училиштето може денес да се пофали дека е расадник на нови, сѐ подобри и подобри шефови?

Го предавам предметот Познавање на стоката кој од пред две години е именуван како – Храна и пијалаци. Јас сум дипломиран инженер-технолог и мојот факултет многу ми помогна брзо да навлезам во магијата на готварството, затоа што хемијата и технологијата се основа на готварството.

Многу генерации го поминаа својот образовен пат низ нашето училиште и горда сум на поголем дел од моите ученици. Некои се врвни во својата струка, етаблирани во јавноста и со признанија од меѓународни натпревари и презентации. Други пак го најдоа местото во други професии каде се чувствуваат исполнето.

Гастрономијата  станува сѐ поинтересна како за оние кои се дел од неа, така и за пошироката популација. Затоа една препорака до идните средношколци – запишете се во угостителското училиште , гастрономијата ви отвара многу патишта.

Веројатно сте и самите и гурман и  готвач… раскажете ни нешто за себе…имате ли некоја специјалност кога станува збор за готвење, или омилена храна кога станува збор за јадење?

Сакам многу да истражувам и да експериментирам. Но мое омилено јадење се нашите пити. Пита можам да јадам секој ден. Сукам пита  и веројатно секогаш се различни по вкус и по форма. Не сум голем естета, тоа ми е маана, но вкусовите на јадењата ми се супер. Така велат тие што ги вкусуваат.

Кој е вашиот омилен готвач, имате ли некое омилено место, ресторан во Скопје?

Омилен готвач немам, сите оние во кои ја чувствувам љубовта кон готвењето се мои омилени готвачи.Најомилени секако се моите успешни ученици.

Во Слоу Фуд имаме еден проект – Алијанса на готвачи. Оваа група засега неформално функционира. Треба да ги обедини готвачите кои имаат чувство за традиција.

Интересен е фактот дека нам ни се приклучуваат и готвачи кои немаат завршено угостителско училиште, но љубовта кон гастрономијата преовладала и денес тие се исто многу успешни гастрономи.

Имате ли омилен производ од нашите локални, кои и ги промовирате како организација?

Да, тоа е омилениот наш мармалад од шипка кој е специјалност на брачниот пар Мирјана и Бранко Ангелески.

Кои се вашите следни активност?

Ни претстои Конгрес и формирање на Национална организација Слоу Фуд Македонија, Terra Madre Balkans- средба на балканските Слоу Фуд Организации која оваа година ќе се одржи во Брисел, Terra Madre во Торино, Ден на баба  во Скопје.

Драгица Христова

 

loading...