ГастроМак 2019: Белите капи го преплавија Охрид

За едни вкусна забава, за натпреварувачите  -  „смртно“ сериозен настан - ГастроМак 2019 стартуваше синоќа во Охрид во присуство на стотици готвачи од сите страни на светот, познати светски шефови, новинари и посетители.

0
438

Синоќа во Охрид стартуваше четвртото издание на ГастроМак, манифестација која од година во година расне во навистина грандиозен настан со учесници и гости од целиот свет. Отварањето пред хотел „Нова Ривиера“ кадешто ќе се одвиваат натпреварите помина во убава атмосфера, а присутните ги поздрави претседателката на „ГастроМак“ Адријана Алачки, претседателот на судскиот тим, славниот хрватски готвач Стево Карапанџа и Доменико Маџи, од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни (ВАЦС), организација што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот.

Повеќе од 300 професионални готвачи, шефови на кујни, но и готвачи аматери, викендов во Охрид, во рамки на четвртиот Интернационален гастрономски натпревар што се одржува под мотото „Не бери гајле, биди Охрид”, ќе бидат дел од  натпреварувачкиот и ревијалниот дел од програмата. Целиот настан ќе биде искористен и за унапредување на македонската гастрономска понуда, но пред сѐ, онаа на Охрид како главен туристички центар во земјата.

Односно, да се направи обид за подобрување на охридската понуда на јадења, со примена на локални прехранбени продукти, и нивна правилна презентација.

Дел од годинешната готвачка елита во Охрид е и најпознатиот готвач на овие простори, Стево Карапанџа, кој како претседател на жирито заедно со другите интернационални шефови – судии, ќе ги оценува јадењата што ќе ги приготвуваат учесниците на натпреварувачкиот дел од манифестацијата.

А колку е овој настан сериозен токму за учесниците, готвачите-натпреварувачи покажуваат и строгите правила, од оние во однос на нивниот изглед и облеката, до изгледот и вкусот на јадењата што ќе ги приготват. И се разбира, дисквалификации за сите што нема да ги почитуваат правилата на игра. А тие кои ќе се закитат со медал, ќе имаат што да впишат во своето професионално CV кое е од големо значење за нивните идни професионални ангажмани.

Во меѓувреме, останатите, кои не се дел од натпреварувачката грозница, ќе уживаат во богатата гастро-понуда во која има сѐ…освен, од пиле млеко, тоа нема или пак се испило.