Градот на конзулите го доби Првиот Боемски вински салон

Секој град има свои култни боемски места и свои боеми. Таква е и Битола, град кој е пред сѐ, познат како град на конзулите, но и град на културата, на уметноста, град на еснафите, боемите и боемштината. Кој ја посетил – знае. На 27.12. Битола ќе го добие и својот прв Боемски вински салон

0
167

Нема град во државата кој има толку многу препознатливи нешта кои се врзуваат со неговото име, од Битола.

Да, Битола е, пред сѐ, град на конзулите, но е и  градот на клавирите, градот на боемите, градот во кој никој не излегува ниту до продавница ако не е дотеран и стокмен, но и град во кој, благодарение на Николче Николовски и неговите „соборци“ од Слоу фуд Македонија, се случуваат голем дел настани поврзани со ова движење кое се залага за добра, чиста и правична храна за сите, базирана на зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата.

Токму благодарение на конвивиумот „Слоу Фуд Битола“, во четврток (27.декември) ќе се одржи и првото издание на „Боемскиот вински салон“ во Битола.

Место на настанот е холот на Народен театар Битола со почеток од 15 часот.

Салонот има за цел презентација и промоција на  производители на вино, кои ќе ни ги презентираат нивните вински приказни и ќе ни понудат на дегустација вина направени со страст.

На овој начин, велат организаторите, сакаме да ја градиме винската култура во нашиот регион,  да едуцираме за значењето на поднебјето, за зачувувањето на локалниот биодиверзитет во лозјата, техниките на производство на вино и зачувувањето на животната средина.

На првото издание на „Боемски вински салон“  планирано е да се претстават преку 20 производители со 100 етикети на вино, кои ќе бидат дегустирани од голем број на љубители на виното.

Организаторот на салонот, конвивиумот  „Слоу Фуд Битола“ е поддржан од Општина Новаци,  ЈП Водовод – Битола, Горска вода, Бабук, ЈП Пазари, Битола и Народен театар Битола, кои велат од Слоу фуд Битола, им помагаат  да ја промовираат филозофијата на Слоу Фуд преку презентација на вина од страна на малите винарници.

loading...