Дали сте алергични на глутен и како да се храните?

Целијакијата и нецелијакиската чувствителнот на глутен може да се појават на која било возраст, иако лицето претходно немало никакви пречки и тешкотии.

0
543

Современиот начин на живот, освен безброј благодети, со себе донесе и голем број нови заболувања. Она што го одбележа крајот на претходниот и почетокот на новиот милениум, секако е алармантиот пораст на број на алергени. Еден од сѐ позачестените показатели на овој тренд е и преголемата чувствителност на глутен.

Спасот е во начинот на исхрана

Глутенот е белковина од растително потекло. Оваа леплива материја има својство да му даде еластичност на тестото. Присутен е во најразлични намирници бидејќи се додава во преработената храна во вид на адитиви, конзерванси или стабилизатори. Може да се најде во грицки, тестенини, храна за бебиња, супи, соја сос, кечап, сладолед, пиво, лекови итн. Утврдено е дека предизвикува низа несакани симптоми.

Исхраната без глутен првобитно е осмислена како помош за заболените од целијакија, во чие тенко црево глутенот предизвикува воспаленија, а со самото тоа и опструкција на нормалниот живот. Постојат и лица кај кои не е дијагностицирана целијакија а им се јавуваат слични симптоми по внесувањето на храна што содржи глутен. Во тие случаи станува збор за т.н. нецелијакиска чувствителност на глутен. Целијакијата и нецелијакиската чувствителнот на глутен може да се појават на која било возраст, иако лицето претходно немало никакви пречки и тешкотии. Затоа и лицата на кои не можеле да им се дијагностицираат овие нарушувања, а чувствувале некои од симптомите побарале решение во исхраната без глутен.

Со придржување на начинот на исхрана без глутен, заболените успешно ги контролираат несаканите симптоми и ги спречуваат можните компликации. Кај намирници што најчесто се користат, глутенот е присутен во пченицата, ржта и јачменот, како и во намирници за чие производство се користат овие житарки.

Можеби е поради глутенот

Според проценките на експертите, околу 80-85% од заболенитене знаат дека станува збор за целијакија. Симптомите што ќе ги наведеме не мора задолжително да укажуваат на целијакија и може да се симптоми на многу други нарушувања и медицински состојби, но би можеле да се објаснат преку некои од видовите начувствителност на глутен.

Најчести симптоми се: дерматитис, замор, болка во стомакот, надуеност, дијареа или запек, главоболка, слабокрвност поради недостиг на железо, болки во мускулите, болки, отоци и воспаленија на зглобовите, хормонска неурамнотеженост, неплодност без видливи причини, дијагноза на автоимуни заболувања како Хашимотов синдром, ревматоиден артитис, мултиплекс склероза, лупус, псоријаза, безпричинско зголемување или намалување на тежината.

Помодарство или…

Во текот на последнава декада начинот на исхрана без глутен делумно ја должи својата популарност и на тоа што го практикуваат многумина светски познати личности, најмногу од светот на уметноста и спортот. Важно е да се истакне дека не им е дијагностицирана целијакија на сите, но овој начин на исхрана им помага да се изборат со некои други, слични проблеми.

Кога ќе се земе предвид тоа дека пченицата е главен извор на глутен, а притоа е втора житарка по застапеност во човековата исхрана на светско ниво, тогаш зголемувањето на бројот на алергични луѓе на глутен станува проблем од глобални размери.

Според проценките на експертите дури 40% од населението во светот е нетолерантно на глутен.

Недостиг на витамини и хранливи материи

Кај лицата кои се придржуваат до начин на исхрана без глутен е забележано дека често се јавува извесен недостиг на витамини и хранливи материи. Поради тоа се препорачува советување со нутриционистите кои се упатени во сите можности и рестрикции на овој начин на исхрана. Најчест дефицит е забележан во однос на калциум, железо, влакна, витамини Б1, Б2, Б3 (тиамин, рибофлавин, нијацин). Исто така кај извесен број луѓе кои го исфрлиле глутенот од исхраната, еден од ефектите бил и зголемување на телесната маса.

Експертите сметат дека оваа појава е сосема нормална и ја објаснуваат со поуспешната апсорпција на хранливите материи отколку претходно. Исто така наведуваат дека оваа појава е од минлив карактер и дека тоа е добар знак дека телото закрепнува.

Глутенот може да биде присутен и во козметичките производи, и тоа најчесто благодарение на бројните состојки што се неопходни за нивно производство. Некои најчесто користени состојки се: овес, декстрин, малтодекстрин, екстракт од квасец, хидрогенизирано масло од пченични р’кулци, хидролизиран екстракт од слад итн. Можноста за апсорпција на глутенот преку кожата е мала, но постои. Доколку доследно се придржувате до начинот на исхрана без глутен, а сѐ уште се јавуваат некои од симптомите, не би било лошо да ја разгледате и оваа можност.

 

Нутриционистите од ординацијата Центар за внатрешни болести „Срце“ препорачуваат:

Пита со блитва без глутен

Состојки:

4 jајца

1 чаша кисело млеко

1 дцл кисела вода

200 гр младо сирење

3 дцл брашно од просо

3 дцл брашно од хељда

1 прашок за пециво

1 дцл растопен путер

1 дцл маслиново масло

ситно сечкана блитва (3 полни дланки)

сол, бибер

Подготовка:

Се загрева рерната на 200 степени. На огноотпорен сад се става хартија за печење. Јајцата се матат, се додаваат киселото млеко, брашното, растопениот путер, маслото, младото сирење, блитвата, зачините и прашокот за пециво, сè добро се меша со мешалка и се истура во садот. На самиот крај се додава сусам врз целата смеса.Се пече 30-35 минути (во зависност од рерната).

 

Сандра Петковска, дипломиран нутриционист и технолог по исхрана, ПЗУ „Срце“

 

Центар за внатрешни болести „Срце“

Ул. „Дренак“ бр. 6, 1000 Скопје

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

www.srce.com.mk

E-mail: [email protected]

FB: CentarZaVnatresniBolesti

Ig: Srce-centarzavnatresnibolesti

 

loading...