Данските вегански активисти бдеат пред кланиците и се простуваат од животните

Причината зошто овие бдеења постојат, е за да видиме и да го снимиме она што се случува во данската месна индустрија. Бдееме пред кланиците и се обидуваме да ги запреме камионите со животни, за да добиеме шанса да се збогуваме со нив и да го регистрираме она низ кое тие минуваат - вели нашата 19.годишна соговорничка и веганка од Данска.

0
301

Синове Тау Молтсен е млада девојка од Данска, која минатата година за првпат беше во Македонија со своето семејство, родителите и помалиот брат. Нејзиниот татко Ерик, во 80-тите години студирал во Скопје словенски јазици такашто одлично го зборува македонскиот јазик. Неговото семејство од него слушало многу за Скопје и за Македонија па решија сите заедно да дојдат тука и Ерик да им ги покаже сите оние места за кои дотогаш само слушале. Освен Скопје, тие беа да го видат и Охрид и си заминаа со ветување дека повторно ќе дојдат.

Младата Синове која тоа лето токму во Скопје го прослави и своето полнолетство, 18.роденден, тогаш беше вегетаријанка, но во меѓувреме, станала и веганка, поточно, строга вегетаријанка и последниве шест месеци целосно ги исфрлила од исхраната производите од животинско потекло. Токму како што вели и дефиницијата, односно, дека веганството не подразбира само специјален начин на исхрана, туку е и филозофија и стил на живот, и Сунове го осудува секое искористување, мачење и убивање на животни, а истовремено, станала и дел од веганскиот активизам во Данска. Таа заедно со своето момче и другите истомисленици на пример, бдее пред данските кланици кадешто активистите ги запираат камионите кои ги возат животните на колење и се обидуваат барем, како што вели, да се простат од нив.

Зошто реши да станеш вегетаријанка, а пред неколку месеци и веганка?

Решив да станам веган, затоа што нема смисол да не бидам. Одледувањето на животни има големо влијание врз нашата животна средина и продолжувањето на нашите стари навики само затоа што е тоа „нешто што од секогаш сме го правеле“, едноставно не е изговор за уништување на нашата планета.

Јадењето на месо и други производи од животинско потекло не е одржливо. Осумдесет проценти од уништувањето на дождовните шуми е предизвикано од храната, како што е на пример, сојата, која мора да ја растеме со цел да ги нахраниме милијардите копнени животни кои се убиваат секоја година заради нивното месо.

Огромната количина на земјиште кое сега се користи за одгледување на храна за добитокот што подоцна ќе го убиеме и/или ќе ги земеме нивното млеко или јајцата, може да се искористи за да се нахранат милиони луѓе кои страдаат од неисхранетост во земјите во развој.

Покрај тоа, животинските производи воопшто не се потребни за живеење здрав начин на живот, туку токму спротивното, вели Какуринов.

Од американската и британската диететска асоцијација велат дека „соодветно планираната вегетаријанска диета, вклучително и вегенската диета, е здрава, нутритивно адекватна и може да обезбеди здравствени придобивки за превенција и лекување на одредени болести“, што само го нагласува фактот дека јадењето производи од животинско потекло е непотребно.

Сè што можете да добиете од месото, млечните производи и јајцата, можете да добиете и од растенијата, па зошто тогаш витамините, протеините и минералите да ги обезбедувате на штета на животните?

Но, еден од најголемите фактори за да станам веган, и она што ме мотивира да зборувам за веганството, беше и се животните.

Нивното страдање поради нас е екстремно.

Јас веќе опишав зошто јадењето животински производи е непотребно, а тоа го прави убиството и силувањето (кога насилно ја оплодуваме кравата и подоцна ѝ го одземаме бебето за потребите на млечната индустрија) на невини животни изгледа уште понеморално.

Тие имаат семејства и сакаат да живеат слободен живот. Тие не сакаат болка и страдања, и не сакаат да умрат.

Етикетите како „слободен опсег“, „хумано колење” и „органски“, се користат за да можеме ние луѓето да се оправдаме и да се чувствуваме подобро за да го земеме она што не ни припаѓа. Независно од начинот на живот на животното, сите завршуваат во кланицата, која во никој случај не е хумана. Хуманоста и колењето не одат едно со друго; тоа е оксиморон.

Не постои хуман начин да се убие живо суштество кое не сака да умре.

Може да изгледа екстремно да се откажете од сите производи од животинско потекло, бидејќи сите сме одгледувани да јадеме месо, млечни производи и јајца, но воопшто не е.

Сите сакаме да ги избегнеме непотребните страдања и веројатно сите сме против суровоста на животните, па зошто тогаш го поддржуваме тоа секој пат кога купуваме храна, облека и други производи со животинско потекло?

Зошто не живееме според нашиот морал? Ако некој го постави ова вака: Што е најекстремно; да се предизвика непотребна штета или да се избегне тоа? Да се ​​убијат милијарди животни секоја година или не? Што е тогаш најекстремно? Ако не можеме самите да го убиеме животното, зошто им плаќаме на другите да го сторат тоа? И, дали нашиот вкус и задоволство вредат повеќе од животот на едно животно, кое сака да живее?

Ова се некои од прашањата што си ги поставив пред да станам веган, што навистина ме натера да го преиспитам мојот начин на живот и да направам промена.

Што би рекла дека се главните здравствени ефекти од веганската исхрана?

Една од главните здравствени придобивки од веганската исхрана е фактот дека во оваа диета нема холестерол, додека во производите од животинско потекло нема влакна. Докажано е неколку пати, дека оваа диета може да спречи и во некои случаи да ги смени некои од водечките болести и причини за смрт во светот како што се срцеви заболувања, висок крвен притисок, тип 2 дијабетес, некои видови на рак, па дури и Алцхајмерова болест.

Се разбира дека треба да се јаде цела храна, а не обработената веганска храна, со цел да се добие најздравата и најкорисна исхрана.

Подобрувањата што ги чувствував по првото преминување кон вегетаријанска исхрана, а сега веганска исхрана, беше чувството во стомакот веднаш по секој оброк. Храната ја чувствува многу подобро во мојот стомак, затоа што е полесно за еден систем да вари растителна храна во споредба со животинските производи – имајте на ум дека околу 65% од светската популација е нетолерантна на лактоза и дека ја делиме истата општа дигестивна структура како мајмуните, кои се тревопасни. Друга работа што ја чувствувам е мојата енергија. Се чувствувам многу поенергична и попродуктивна, што ме мотивира да станам посилен и поздрав секој ден.

Дали кога стана вегетаријанец, понекогаш ти недостасуваше месото?

Кога станав вегетаријанец, никогаш не ми недостасуваше месото, бидејќи и претходно не бев некој голем њубител на месо. Во почетокот, мислата за исфрлање на целото месо се чинеше малку претерано, но воопшто не беше доволно за да ги свртам очите од она што се случува во месната индустрија. Истото важеше и потоа кога станав веган – не ми недостигаше она што јас го користев за јадење, а што содржи млечни производи и јајца, бидејќи моето знаење за индустријата беше доволно за да го изгубам мојот апетит. Но, јас разбирам дека откажувањето од сите производи од животинско потекло е голем чекор – особено е тешко луѓето да се откажат од млечни производи, како што е сирењето, бидејќи тоа содржи опиоид наречен “casomorphin”. Се користи во природата за да се враќа телето повторно кај мајката за уште млеко. Ова е причината зошто откажувањето од сирењето често знае да биде најтешко, бидејќи е зависност.

Дали се соочуваш со некои потешкотии како веган?

Генерално, станува збор за создавање нови навики, а знаејќи дека исфрлањето на сите производи од животинско потекло значи само влегување во еден нов свет на храна базирана на растителни производи. Да се биде веган или само вегетаријанец, станува сѐ полесно од ден на ден, бидејќи на пазарот се појавуваат сѐ повеќе и повеќе нови алтернативни производи врз билна основа како замена за месото и млечните производи. По некое време, ќе заборавиме каков вкус има нешто и нема да ги имаме истите желби, бидејќи има и други алтернативи.

Единствената вистинска тешкотија што ја искусив како веган, е социјалниот аспект. Тоа е фрустрацијата што понекогаш ја чувствувам, кога изгледа дека луѓето не разбираат зошто го правам тоа. Тоа може да ја исцрпи мојата  енергија, а понекогаш и да ме направи емотивна, бидејќи ние всушност зборуваме за милијарди животи што се одземаат во оваа индустрија секоја година, поради непотребна причина. Тоа е прашање кое не го добива вниманието и респектот што ги заслужува. Нашето општество целосно се дистанцираше од тоа чии се деловите од телата во ладилникот и дека се тоа живи суштества, а не производ.

Исто така, може да биде тешко кога патувате во други земји и купувате храна во продавница, затоа што е потребно малку време да се прочита списокот на состојки (особено ми беше тешко кога отидов во Русија, каде што е сè на кирилица). Но, тоа е многу минорно, во споредба со она што избегнувам да го поддржувам правејќи го ова.

Какво е твоето мислење за рестораните во Скопје, Македонија, дали има добра вегетаријанска понуда?

Јадењето вегетаријанска храна во Скопје не беше проблем кога го посетив во 2017 година. Не се сеќавам дека некаде видов вегетаријански ресторан додека престојував во Скопје, но бидејќи имате многу скара во Македонија, секогаш можев да ги добијам највкусните свежи зеленчуци на скара . Веројатно да се биде веган во Скопје е малку потешко, бидејќи многу салати и други јадења содржат сирење, но најверојатно ќе видите повеќе вегетаријански и вегански опции и места во Скопје, во иднина, бидејќи веганското движење расте и се шири.

Имате ли некој вид вегетаријански активизам во Данска насочен против страдањата на животните?

Во Данска се вклучив во вегански активизам за правата на животните. Една од работите што ги правам со движењето наречено Движење за спасување, е присуството на бденија надвор од кланиците во Данска. Едно бдение на кое присуствува беше пред Danish Crown (една од најголемите компании за преработка на месо во Данска. Околу 100.000 свињи се колат секоја недела. Причината зошто овие бдеења постојат, е за да видиме и да го снимиме она што се случува во данската месна индустрија. Она што го правиме, е да се обидеме да ги запреме камионите со животните, за да добиеме шанса да се збогуваме со нив и да го регистрираме она низ кое тие минуваат.

Како изгледаат овие бденија и што друго е составен дел од вашиот активизам?

Бдеењата се многу мирни, и за нас е важно да ги информираме возачите на камионите дека ние не сме таму за нив, туку за животните. Нивната судбина се крие зад ѕидовите на кланиците, такашто потрошувачот не гледа или не слуша што се случува. Сакаме да му покажеме на светот како изгледа тоа, и дека не е важно каков е нивниот живот до натоварувањето на камионите што ги возат до кланицата. Факт е дека сите умираат пред да дојде природниот крај на нивниот животен век, кој е исполнет со страв. Освен тоа, внимаваме и никогаш да не снимиме ниту еден од возачите на камионите и додека ги снимаме свињите во камионите, еден од нас разговара со возачот за тоа зошто сме таму и како тој се чувствува поради сето тоа.

Чувството да се биде таму е многу амбивалентно, бидејќи тоа што сме сведоци на толку многу камиони со животни кои се испраќаат во  смрт е исклучително тешко, но во исто време е убаво и моќно да се биде дел од нешто и да се чувствувате како да правите промена, колку и да е мала. Фактот што можам да се збогувам со овие животни и да ги гледам во очи и да се ставам во нивна позиција, поместува нешто длабоко во мене, и ме мотивира да продолжам да зборувам.

Исто така, присуствував на нешто што се нарекува „Коцка на вистината“, во Åрхус, со организацијата наречена „Анонимните за безгласните“, што е статична демонстрација слична на уметничка изведба. Демонстрацијата е наменета да предизвика љубопитност и интерес од публиката, бидејќи некои од нас држат во рацете телевизиски екрани кои прикажуваат снимки од експлоатација на животни со локални стандарди, додека формираат „коцка“. Кога луѓето ќе застанат за да видат нешто, некои од нас се охрабруваат и ги прашуваат, дали го виделе тоа некогаш претходно и како тоа ги прави да се чувствуваат, со цел да започнат разговор за веганството. Оваа форма на активизам е многу ефикасна, бидејќи ние ја информираме јавноста за тоа како нивните постапки влијаат на другите, и ги тераме да размислуваат за нешто за што можеби не размислувале порано, бидејќи имаме пријателски, информативни разговори.

Како деца, секогаш ни беше кажувано да зборуваме кога мислиме дека нешто не е во ред. Токму тоа го правиме како активисти за правата на животните. Овој активизам е важен, затоа што мораме да го користиме нашиот глас за да зборуваме за животните. Тие се ранливи и безгласни. Ако никој не зборува за ова, ништо нема да се промени.

loading...