Доматите да имаат вкус на домати, а јадењата на баба да не останат само приказни

За поголема разновидност на трпезите, за зачувување на биодиверзитетот, на илјадници сорти растенија и исто толку раси на животни, за стариот добар вкус на храната, за доматите да имаат вкус на домати, а јаболката да бидат достоен дом за некое мало црвче...

0
455
Николче Николовски, Микеле Румиц и Стевче Доневски

Денеска, во Кинотека на Македонија гледавме еден поинаков филм – видовме една голема група на ентузијасти кои веќе цела деценија се во свој филм во кој здушно го бранат правото на добра, чиста и правична храна, здрава животна средина, благосостојба на животните и зачувување на природните ресурси. Нивна основна мисија веќе една деценија е поддршка на домашните, мали, традиционални производители.

– Го заокружуваме првиот циклус што траеше 10 години и го отвораме новиот. Упорно чекоревме по патеката што ја исцрпува визијата, мисијата и филозофијата на Слоу фуд, бранејќи ги правото на добра, чиста и правична храна, здрава животна средина, благосостојба на животните и зачувување на природните ресурси. Денес, во време на поделби по секаква основа, го истакнуваме нашето суштинско и заедничко мото „Нашата храна, наша иднина“ – рече Василка Стефановска, претседател на конвивиумот Слоу фуд Водно и еден од координаторите во Слоу Фуд Македонија, на денешниот прв основачки конгрес со кој оваа досегашна мрежа на локални заедници (конвивиуми) и официјално стана национална организација.

Василка Стефановска

Други координатори се и  Николче Николовски, досегашен национален координатор на Мрежата, како и лидерот на првиот конвивиум Слободан Чокревски.

Според Чокревски, Слоу фуд е единствената организација што ги обединува активизмот и хедонизмот, што овозможува да се направи нешто што е корисно за сите, а притоа да се ужива, да се поттикне дружењето и поврзувањето на луѓето.

Слоу фуд Македонија брои 200 членови и има девет конвивиуми, а до крајот на годинава треба да формира уште осум. Изминатава деценија организацијата мапираше 70 автентични македонски традиционални производи, од кои 36 се  дел од светскиот каталог „Арка на вкусови“ кој опфаќа локални сорти, локални раси животни и производи добиени на специфичен традиционален начин. Во Слоу фуд Македонија функционираат и шест асоцијации (президиуми) на производители кои се чувари на македонските автентични производи.

Пред делегатите кои на Конгресот ги избраа работните и раководните тела, се обратија и Микеле Румиц, директор на Канцеларијата на Меѓународната Слоу фуд за Источна Европа, Азија и Пацификот, како и Десислава Димитрова, претседател на Слоу фуд Балкан.

Согласно програмата, на конгресот беа усвоени Стратегискиот план 2018-2020 и конгресната декларација „Нашата храна, наша иднина“.

„Нашите трпези стануваат се поеднолични, чинот на хранење – се помалку свечен. Неповратно се искоренува биодиверзитетот, во опасност се илјадници сорти растенија, илјадници раси животни и две третини од нив можеби никогаш нема да запознаеме. Од кравите гледаме само црно-бели, наредени како машини во огромни простории, доматите и јаболката се геометриски се поправилни, а вкусот што го очекуваме остана само во спомените“, стои во усвоената декларација.

По завршувањето на конгресот присутните уживаа на традиционалната трпеза подготвена од Филип Чаловски, одговорен за Алијансата на готвачи, и неговите вредни асистенти, учениците од средното угостителско училиште „Лазар Танев“.

Драгица Христова

 

 

loading...