Здравите системи за храна се клучни за искоренување на гладта

Крајниот рок до целта “ Свет без глад до 2030 година”е веднаш зад аголот, и земјите од Европа и Централна Азија не смеат да си дозволат да ја загубат битката

0
52
Автор: Хозе Грацијано да Силва

Автор: Хозе Грацијано да Силва

Глобалната заедница се обврза да ги искорени гладта и сите форми на неисхранетост до 2030 година – Целта за одржлив развој број 2 од Агендата 2030. Избравме храбра и амбициозна цел, која нема да биде лесно да се постигне, но останувам убеден дека може да се оствари.

Во регионот на Европа и Централна Азија, земјите се на добар пат да успеат. Повеќето од нив направија значителен напредок во намалување на процентот на нивното население погодено од глад. Но, остануваат прашањата за обезбедување доволно храна за сите и правилната исхрана.

Некои земји во регионот продолжуваат да се борат со “тројното оптоварување” на неисхранетоста: потхранетост, постојан недостиг на микронутриенти и, истовремено, брзо растечки стапки на дебелина и прекумерна тежина.

Недостатоците од микронутриенти и преухранетоста кај децата и возрасните станаа два главни проблеми со  безбедноста на исхраната во регионот, што резултира со намален човечки капацитет и продуктивност.

Можеби највпечатлив е индикаторот за умерена или голема несигурност кој го покажа т.н. “Скала на искуства со немање доволно храна”. Податоците од истражувањето покажуваат дека 14,3 милиони возрасни лица во регионот се уште сметаат дека се силно погодени од недостиг на храна што им е потребна.

Гладта и неисхранетоста имаат повеќе, меѓусебно поврзани причини. Ова бара интегриран пристап во решавање на проблемот. Да ги погледнеме основните компоненти на пристапот:

  • Прво, одржливи системи за храна. Од производството до потрошувачката, одржливото земјоделство и системите за храна обезбедуваат доволно храна и сигурност во исхраната за сите, без да се загрози способноста на Земјата да продолжи да произведува за идните генерации. Со оглед на ефектите од климатските промени, ова ќе значи практикување на одржливо земјоделство, шумарство и рибарство, диверзификација на производството и осигурување дека земјоделството придонесува кон ублажување на и прилагодување кон климатските промени. Тоа исто така значи дека природните ресурси во овој регион – водата, почвите, биолошка разновидност, шумите, уникатните и кревки еко-системи – треба да се управуваат одржливо.
  • Второ, овозможен пристап до соодветна храна и здрава исхрана за сите луѓе преку целата година. Искоренувањето на гладта не е единствениот голем предизвик во врска со неисхранетоста. Во денешно време, светот е сведок на епидемија на прекумерна тежина и дебелина. Бројките се зголемуваат во повеќето земји во развој, како и во развиените земји. Во 2016 година, повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе во светот беа со прекумерна тежина. Од нив, преку 650 милиони се дебели. Преголемото консумирање на преработена храна со високи количини на сол и шеќери е главниот двигател на ова зголемување на прекумерната тежина и дебелината. Земјите мора да се справат со оваа ситуација преку стимулирање на здрава исхрана. Националните јавни политики се фундаментални. Потрошувачите мора да бидат свесни за придобивките и штетите од она што го јадат. Ова вклучува едукација за исхрана, подигнување на свеста, како и строги прописи за етикетирање и рекламирање.
  • Трето, намалување на отпадот и загубата на храна. Една третина од произведената храна е загубена или завршува во отпад секоја година. За да се спречи оваа бесмисленост, ќе ни бидат потребни заложби од производители, трговци и потрошувачи во сите земји – да ги минимизираат загубите на храна во процесот на производството, складирањето и транспортот и да го намалат фрлањето на храна од страна на трговците и потрошувачите, а истовремено да го зајакнат изборот на потрошувачите. Би сакал да истакнам дека неколку големи играчи во прехранбената индустрија во регионот веќе излегоа со конкретни мерки и предлози. Во неколку земји, во тек се иницијативи за подигнување на свеста, идентификување решенија и усвојување на законодавен пристап за решавање на овој проблем. Подобрувања во ефикасноста на фармите во регионот исто така ќе ги намали загубите на храна во процесот на производство.
  • И, конечно, искоренување на руралната сиромаштија. Поддршката на малите земјоделски производители и семејните фарми е од фундаментално значење, бидејќи тие се луѓето кои го држат клучот за обезбедување на одржлива исхрана за глобално население во пораст и придонесуваат кон остварување на целта за искоренување на екстремната сиромаштија до 2030 година.

Со помалку од 12 години што преостануваат до 2030 година, земјите од Европа и Централна Азија не смеат да си дозволат да ја загубат битката. Промовирањето на системите за здрава храна е клучно во постигнувањето на одржлив развој.

Авторот е генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

 

 

 

loading...