Како да одберете најдобро маслиново масло?

Ако барате квалитет, не купувајте масло кое има значително пониска цена од останатите масла на полицата.

0
1881

Сигурно сте често во недоумица кога сте во продавница и кога треба да одберете маслиново масло.

Сите знаеме дека маслиновото масло не е само намирница на која ќе си го пропржиме кромидот, маслиновото масло е нешто како вино – климата, тлото и времето на берба наголемо влијаат на бојата, аромата и вкусот на маслото.

Освен тоа и врапчињата знаат кои се благодетите на маслиновото масло за здравјето. Затоа неговата популарност постојано расне, а тоа на полиците од продавниците донесе цела низа разновидни маслинови масла, некои подобри, а некои полоши. За да си го олесните изборот, фрлете поглед на следната листа.

Чистота

Маслиновото масло може да се користи за безброј намени па прво што треба да имате на ум кога го купувате е дали ќе го користите за динстање, за печење или пак како прелив за салата. Со оглед на намената, можете да бирате помеѓу три вида:

Екстра девствено маслиново масло (olio di oliva extravergine) се добива после првиото цедење на здравите плодови маслинки, а киселоста (слободните масни киселини) не му преоѓаат 0,8 отсто. Покрај задоволувањето на хемиските параметри, маслото мора да помине уште органолептичка проверка и не смее да има ниту еден мирис кој не му е својствен на маслото. Може да се употребува за сите видови на готвење, динстање, пржење, печење, маринирање, а исто така е и најдобар избор за зачинување на салати.

Девствено масло (vergine) се добива после првото цедење на послабите плодови маслинки, па киселоста во однос на екстра девственото масло е нешто поголема, но содржината на масни киселини не преоѓа 2 отсто. Може да се употребува за приготвување солени јадења, а бидејќи има посилен вкус, му додава одредена длабочина на вкусот.

Маслиново масло се добива со мешање на рафинирано масло и одредена количина на екстра девствено масло кое служи за подобрување на бојата и на вкусот, а киселоста на вака произведеното масло е околу 5 отсто.

Потекло

Иако на полиците ќе најдете масла кои доаѓаат од различни земји, како Италија и Шпанија, сепак, подобри се се уште оние кои се произведуваат во Хрватска и во Грција. Иако кога станува збор за хрватските масла, тука останува вечната дилема за тоа дали е подобро далматинското или истарското маслиново масло, но вистинските експерти ќе ви кажат дека нема простор за генерализирање, бидејќи квалитетот на маслото зависи од местото на одгледување на маслинките, од климата, сортите и начинот на преработка.

Повеќегодишен шампион на „Ночњак“ – годишен натпревар за најдобри маслинови масла во Хрватска

Секоја година во Хрватска се организираат натпревари за избор на најдобро маслиново масло, а ако имате можност барем еднаш да го пробате екстра девственото маслиново масло од сортата Дробница, од Корчула, на производителот Ивко Цетиниќ, повеќегодишен шампион за најдобар производител, ќе сфатите дека навистина има драстична разлика од се што сте пробале досега. За жал, ова маслиново масло можете да го пробате само во Хрватска.

Цена

Како што е случај со повеќето работи, и за маслиновото масло важи она: „колку пари, толку музика“.

Но кога станува збор за маслиново масло, не мора да дадете баш пола месечна плата за шише со добро масло, како што би можеле да помислите гледајќи ги цените на т.н. boutique маслинови масла. Овие масла кои се издвоиле на пазарот успеале заради исклучителниот квалитет, дизајн на проиводот и врвниот маркетинг и таквите масла можете да си ги дозволите само како зачин. Две-три капки врз салатата или дури врз колачот ќе му дадат на вашето јадење една сосема нова димензија.

Но ако се дистанцираме од таа најскапа категорија, друга категорија се маслата кои се пласираат во трговските синџири и кои чинат околу 450-650 денари за литар. Од нив, највкусни се обично маслата кои се добиваат од една сорта на маслинки, иако има и извонредни селекции.

Сами ќе одлучите колку пари ќе издвоите, но еве еден совет од познавачите: ако барате квалитет, не купувајте масло кое има значително пониска цена од останатите масла на полицата.

Толку ниската цена може да значи дека маслото не е чисто туку е помешано со оостанатите, поефтини видови масла. Ако цената ви се чини предобра за да биде вистинита, а не станува збор за некоја акција или попуст, добро прочитајте што пишува за составот на етикетата за да бидете сигурни дека навистина купувате маслиново масло. Најсигурно е да избегнувате големи шишиња, туку да одбирате помали такашто маслото ќе можете да го искористите додека е најсвежо. Неотворените шишиња траат отприлика една година, а отворените е најдобро да се искористат во рок од два месеци.

Кога маслото ќе го донесете дома, имајте на ум дека е најдобро да го чувате на темно, затворено место и далеку од изворите на топлина, на пример, од шпоретот.

loading...