Најчести грешки при подготвување смути

Изобилието од овошје и зеленчук не мора да го претвори нашето смути во здрав напиток.

0
851

Да се пие смути за појадок е здрав избор. А добар е и за попладневна ужина или како лек против мамурлак. Но за да ни биде тој потенцијално супер здрав напиток корисен, важно е да се придржувате до правилата за комбинирање на овошје и зеленчук…

Премногу состојки

На љубителите на зелено смути им е тешко да ѝ одолеат на желбата во својот дневен оброк да уфрлат што повеќе здрав зеленчук. Но треба да се има на ум дека во комбинација со овошје и семки, може да се претвори во напиток тежок за варење. Во тој случај, започнете го денот со едноставна но здрава комбинација од јаболко, кељ, магдонос, лимон и ѓумбир.

Омразен зеленчук

Ако мразите кељ, немојте да мислите дека можете да го замаскирате вкусот со помош на манго или ананас. Наместо кељ, додадете неколку листови млад спанаќ или салата кои се неутрални.

Подобро замрзнато отколку мраз

Со додавање на премногу мраз во смутито ќе добиете воденест напиток. Наместо тоа, подобро искористете намирници кои се добро изладени во фрижидер или пак замрзнато овошје. Бананата исечкана на тркалца и потоа замрзната, е тајната состојка за убаво кремаво смути.

Премногу калории

Калориите е полесно да се испијат отколку да се изедат, па треба добро да се размисли за тоа што сѐ се наоѓа во вашиот напиток. Со додавање на мед, сируп од агава и други заблажувачи, изобилство од суво овошје, овошен сок или премногу јаткасти плодови, вашиот навидум невин напиток може да има и 500 калории. Тоа е одлично ако сакате да се здебелите, но ако сакате да ослабнете, добро преиспитајте што сѐ сте ставиле внатре.

Премногу кратко мешање

Пиењето смути би требало да биде уживање, а не напиток кој ќе се пие со гадење. Затоа, дајте му доволно време за да стане мазен и кремав, додадете чиа семе за густина, авокадо, како и овошје од типот на банана, праска, кајсии или манго.

loading...