На тавче-гравче и ѓомлезе под сач во ресторанот „Св. Никола“

Рецептите се пренесувани од колено на колено, од баба на внука, од мајка на ќерка, а секое јадење со себе ја носи и препознатливата географска положба, од кадешто потекнува.

0
644

Од автентичната куќичка сместена крај кејот на реката Дрим, во Струга, се шири убава миризба на домашна приготвена храна, која лесно ќе ги убеди гурманите да застанат и да дегустираат барем нешто од богатото мени на ресторанот „Св. Никола“.

Сопственичката Марина Барлакоска, љубезно ги пречекува гостите, и им сугерира што би можеле да пробаат од традиционалната македонска кујна.

– Сите македонски рецепти се убави и многу вкусни, а пред сѐ, здрави – објаснува Барлакоска и додава: Може да пробате тавче гравче, летна манџа, турлитава, полнети пиперки, сарма од лозов лист, од риба пак, во сезоната дозволена за риболов, пастрмка, крап, белвица или плашици.

За што и да се одлучите, нема да згрешите. Но, постои голема веројатност да си ги поткренете критериумите за добро зготвена храна. Очигледно, зад овие вкусови кои флертуваат со непцето, не стои само искуството и вештината во кујната. Туку, многу вложена љубов.

Госпоѓа Барлакоска ја нагласува улогата на традицијата во креирањето на гастрономското мени. Вели дека рецептите се пренесувани од колено на колено, од баба на внука, од мајка на ќерка, и дека зад секој рецепт стои посебна, емотивна приказна. Секое јадење со себе ја носи и препознатливата географска положба, од кадешто потекнува. А, тука, во „Св. Никола“ се служат главно јадења од традиционалната струшка кујна, иако може да одберете и специјалитети од македонската кујна.

– Идејата ми беше од ресторанот да направам мал национален музеј не само на храната, туку и на обичаите, облеката, културата која се пренесувала генерациски, а која тука може да ја доживеете и видите на едно место – објаснува Барлакоска.

Па, не е чудо, што странските туристи кои ја посетуваат Струга, не го заобиколуваат овој ресторан. Ги има од сите страни на светот и согласни се дека вреди пак да се вратат.

– Ми се допаѓаат коментарите на странците за вкусната храна и за професионалната услуга, но ми се допаѓа и кога се чудат на уникатните предмети од македонската традиција кои го красат ресторанот. Сепак, најмногу ме радуваат задоволните лица додека уживаат во нашите специјалитети, кога го испуштаат оној звук од усните, ммм-ммм – додава Барлакоска.

А, за задоволството да биде поголемо, дополнителен зачин е македонската народна музика во жива изведба.

Ако навраќате оттука, пробајте тавче-гравче, ѓомлезе под сач и воденичарска плескавица. Или риба подготвена на струшки начин со домашно макало и препечено лепче. Ммм-ммм.

Јасмина Кантарџиева-Димков

loading...