Пет природни сладила поздрави од рафинираниот шеќер

Важно е да се напомене дека иако се овие алтернативни сладила поздрави од рафинираниот шеќер, и натаму зборуваме за додаден шеќер и затоа треба да се консумира во границите на препорачаниот дневен внес.

0
349

Последните години расте популарноста на природните прехранбени производи. Истражувањата на пазарот покажуваат дека 73 отсто од купувачите преферираат производи на кои е јасно истакнат терминот „природно“. Тоа се однесува и на сладилата, па така рафинираниот шеќер полека ја губи трката со поприродните алтернативи каков што е медот.

Јаворов сируп

Ако во текот на рана пролет исечеме кора од одреден вид на јаворово дрво, од него ќе потече бистар сок. Најголем дел од овој сок е вода, иако 2% му припаѓаат на шеќерот сахароза. Доколку потоа го подгреваме овој сок сė додека не испари најголемиот дел од водата, ќе добиеме густ јаворов сируп. Најчесто се потребни околу 30-40 литри јаворов сок за да се добие литар сируп, а со црпење на едно јаворово дрво во текот на 4 недели, можат да се добијат околу 40 литри сок. Јаворовиот сируп е прилично скап, па наместо со него да ги залевате обилно вашите палачинки, користете го за да направите здрави колачи и торти.

При купувањето на сирупот треба да обрнете внимание на бојата. Сирупот кој се добива на почетокот од сезоната за производство е посветол, додека оној од крајот на сезоната обично има потемна боја. Потемните сирупи се побогати со минерали и антиоксиданси од посветлите, а вкусот им е посилен па можете да користите помали количини. Впрочем, ако во рецептите го замените шеќерот со јаворов сируп, користете три четвртини од препорачаната доза. Значи, наместо 4 лажици шеќер, можете да користите 3 лажици јаворов сируп.

Мед

Слично како и јаворовиот сируп, медот може да се користи како замена за шеќер во помали количини од наведените во рецептот. На пример, лажица шеќер можете да замените со мала лажичка мед. Не заборавајте да ја прилагодите и количината на останатите течни состојки во рецептот, како и времето на печење.

Паста од урми

Ако обичниот шеќер го замените со паста од урми, придржувајте се до соодносот кој е наведен во рецептите. Ако сакате можете да ја намалите количината на шеќер на две третини од наведената, ако на рецептот му додадете малку цимет, ѓумбир или кардамом, кој ќе ја нагласат блажината. Пастата можете да ја направите такашто ќе ги натопите во вода и ќе ги оставите преку ноќ. Откако ќе омекнат додадете вода и мешајте во блендер сė додека не добиете паста која потоа можете да ја чувате во стаклена тегла во фрижидер.

Кокосов шеќер

Кокосов шеќер се добива од растителните сокови кои ги лачат пупките од кокосовите палми. Производството на кокосов шеќер има и свои еколошки предности бидејќи одгледувањето на кокосовите палми бара минимални количини вода и енергенти, а стеблата произведуваат растителни сокови од 20 до 40 години.

Конзистенцијата и вкусот на кокосовиот шеќер е слична на кафеавиот шеќер, па многу го користат како замена за рецептите кои содржат кафеав шеќер.

Меласа

Станува збор за густ и темен сируп кој настанува како нуспродукт од рафинирањето на шеќерната репка. Истражувањата покажале дека содржи повеќе антиоксиданси од кое било друго сладило. Како недостаток често се наведува исклучително силниот вкус.

Фото: Pixabey

loading...