Прво уредувањето, сервирањето, сликањето, па дури потоа, јадење

Сопругот и децата со време се навикнаа на моите процедури. Љубопитни се да ги пробаат новите јадења за потоа да коментираат, споредуваат. Ми се допаѓаат моите дегустатори и го ценам нивното мислење – ме поттикнува на нови потфати и предизвици, вели Јованка Јанкоска, творец на ФБ страната Bobe's bakery.

0
1546

Завршила уметничко училиште, се вработила во Македонската Телевизија како асистент костимограф, а потоа станала сценограф. Тоа било исполнување на нејзините соништа: изработка на маски, накит, украсување на  стилски костими, круни, сценографии – динамично, возбудливо, со учество во многубројни проекти и предизвици.

„Сегашниот професионален ангажман, во маркетиншкиот тим на МИА, е и далеку и блиску до она што ме покренува, па создавањето го пренесов во слободното време, во мојата малата филигранска работилница и – во кујната: за ете и од храната да направам  доживување што ја допира уметноста во изразот, во обликувањето“, вели Јованка Јанкоска, која изработува накит од филигран, но и она што не интересира нас – кулинарски креации кои можат да се видат на нејзината фејсбук страна „Bobe’s bakery“. 

Јованка почнала да изработува филигран откако посетувала обука за изработка на филигран кај мајсторот Аднан Рамадани во Старата Скопска Чаршија.

„Филигранот едноставно „ме освои“ – играта на среброто и огнот – светлината, енергијата и емоцијата што му ја нудат на создавачот, како и на оној што ќе го носи филигранот, чинам ме обземаа засекогаш. Барем сега е така, а тоа чувство е во мене две децении по ред. Кај мајсторот Рамадани го совладав основниот процес на изработка на филигранот. Со секојдневна работа, експериментирање и искуство, самостојно се надградувам и навлегувам сѐ подлабоко во тајните на  занаетот. Следам и сѐ што се случува на тоа поле: интернетот ги направи достапни сите најнови релевантни информации, како и контактите со луѓето со кои не спојува филигранот. Досега изложував на повеќе заеднички изложби, а реализирав и три самостојни, од кои едната и надвор од земјата. Велам досега, затоа што во филигранот останувам и допрва ќе ме има“, вели нашата соговорничка со која разговорот го продолживме зборувајќи за нејзината страст кон готвењето.  

Од каде интересот за готвење, кога се роди твојата ФБ страна и што те поттикна на ова?

Тоа дојде некако спонтано – со годините, со деновите и викендите во кои сакав едновремено да ја „разубавам„ храната и да го  насочувам моето семејство кон здравата исхрана. Имам своја ФБ страна за филигранот и на неа го споделувам она што го создавам, па создавањето на ФБ страната за мојата кујна некако спонтано претставува повторно желба за споделување на она што го создавам во кујната.

Колку често готвиш, дали наоѓаш доволно време за ова?

Во моето семејство јас сум задолжена за готвењето – така беше на почетокот – така е и сега. Кујната е само моја. Во деновите на викендот имам време да експериментирам, креирам, комбинирам вкусови, декорирам. Всушност – слободното време, и тоа често до доцна навечер, го поминувам во кујната. Не се ограничувам на само едно јадење, дополнувам и развивам различни вкусови па затоа  и не водам сметка за мерките. Затоа често постирам јадења без рецепти, иако кога ќе ми побараат детали за постапката за подготвувањето се трудам се точно да објаснам.

Дали во твојот дом секојдневно се подготвува семеен ручек, појадок, вечера, слатки?

Последниве години семејство сме само јас и сопругот што значи секојдневно готвам за двајца  – младите заминаа надвор од Македонија, па деновите кога не посетуваат се вистински празници. Тогаш готвам семејни ручеци, месам, печам, правам слатки –. Најмногу од она што го покажувам на мојата ФБ страна се токму моите кулинарски дела од тие денови.

Како реагираат твоите најблиски на твоите готварски подвизи, дали ги дегустираат со задоволство?

Сопругот  и децата со време  се навикнаа на моите процедури: уредувањето, сервирањето, сликањето па конзумирање. Љубопитни се да ги пробаат новите јадења за потоа да коментираат, споредуваат. Така и се договараме каков вкус би требала да има идната, нова, надополнета варијанта на јадењата што дента сум ги направила. Ми се допаѓаат моите дегустатори и го ценам нивното мислење – ме поттикнува на нови подфати и предизвици.

Лично, дали повеќе сакаш солени или слатки јадења?

Десертите ми се слабост – некогаш од нив пробувам и пред ручекот… едноставно, колку и да сум сита, не одолевам на десертите.

Дали би сакала да се впуштиш, евентуално, во некој ангажман поврзан со готвење како начин за егзистенција?

Создавањето го пренесов во слободното време, во мојата малата филигранска работилница и – во кујната. Таму и ќе останат. Секако дека ќе работам на проекти, но и тоа ќе биде во рамките на слободното време.

Дали имаш некој омилен рецепт, нешто по што си најпозната меѓу пријателите, роднините?

Гостите – роднините и пријателите ги најавуваат посетите кај нас за да имам време да го подготвам она што најмногу им се допаѓа: пастрмајлии, пити (со јаболка, малини или со капини), погачи, десерти. Списокот е долг, но питите се најомилени и најпосакувани.

Дали уживаш во готвењето, во снимањето на видеата, кој ти помага во ова?

Обожавам да готвам, а тоа  го имам наследено од мајка ми која подготвува превкусни јадења и меси најубави пити, лиснати теста и кифли. Ме радува тоа што и моите ќерки исто подготвуваат превкусни јадења и  прекрасно декорираат. Од нив научив да подготвувам суши. Освен готвењето, многу ми е битно и сервирањето. Уживам да  правам разни декорации со храната.

Видеата си ги снимам сама, додека готвам, за секој да го види начинот на подготовка и секој кој не подготвувал храна да види колку е тоа всушност едноставно. Најважно во подготовката на храна е да се готви со љубов, тогаш храната е повкусна.

Дали си маанџика кога готви некој друг, кога јадеш во некој ресторан на пример?

Не – љубопитна сум, особено во рестораните, кадешто готват професионални кувари.

Знаеш ли да побараш рецепт ако нешто ти се допадне?

Во моментов има многу кулинарски канали, кулинарски емисии на телевизиите и на интернет. Сметам дека тоа е добро – се едуцираат гледачите, ги оформуваат вкусовите но и се грижат да се хранат поздраво. Следам колку што ми дозволува времето и другите обврски но, ако нешто ми се допадне – пробам да го направам, често со некој мој додаток, притоа познавајќи го вкусот на моите блиски.

Член сум на една  Фејсбук група за храна кадешто речиси секој ден се постираат нови јадења и рецепти.  Она што таму ќе ми се допадне го претворам во  идеја за ново јадење, нов експеримент и нов пост на страната на ФБ групата.

Јованка не почести и со еден преубав рецепт за нејзината пита со јаболки и круши.

Состојки:

500 г брашно
250 г шеќер
2 жолчки
1/2 прашок за пециво
1 ванила
1 маргарин
5 јаболка
цимет

Приготвување:

За филот:

Се лупат јаболката и се сечат на тенки кришки тенки, се пропржуваат на путер со 3 лажици шеќер и цимет по желба.

За тестото:

Маргаринот и шеќерот се матат, потоа се додаваат жолчките и ванилата. Постепено се додава брашното измешано со пецивото, да стане како тарана и се додава малку млеко, за да се замеси тестото. Се дели на два дела. Се сука една кора и се реди на намрсен плех, врз него се реди филот и горе се затвара со другата кора. Се пече 30-40 минути во загреана рерна на 220 степени.