Редици ли се редици, огнови и петарди, бадникарски маки големи

Ако случајно утринава поминувавте покрај некоја пекара, можеби и вие се запрашавте што се дели без пари та толку турканици и редици внатре? А синоќа, да не бевте и вие навртени околу некој маалски оган?

0
447

Денеска е Бадник, утре Божик, ама тоа веќе сите го знаеме, ако некој и не знаел, мислам на некој дојден однадвор, сигурно дознал синоќа. Па да, луѓево кои толку се жалат на загаденоста на воздухот, синоќа заборавија на се – си ги наредија индијанските огништа, си запеаја, си бапнаа по некоја греана ракија, вино и пукнаа по две-три петарди, па среќни и задоволни се прибраа дома да се отспијат пред Бадник.

Утрово немаше ни многу коледари, или децата пораснале, или им било страв да влезат по дворовите бидејќи во секој има барем по едно куче, а можеби и сите со родителите заглавиле синоќа на оган, па спиеле до пладне.

А кога ќе ми текне само што кубици дрва се истрошија за да се греат собраните соседи, да се пијанчат, да вртат ора и да пукаат петарди, додека некои немаат ни за кубик дрва, коса ми се крева. Парите што ги собраа одејќи од врата на врата по зградите или пак оние што ги потрошил таканаречениот маалски кум на „бадниковата забава“, камо да им текнеше да ги подарат на некое сиромашно семејство во своето маало. Сигурно знаете најмалку едно такво во својата околина.

А утринава, ако и вие како мене тргнавте на пазар да си докупите нешто за Божиќ, сигурно се соочивте со долга редица во некоја од скопските пекари. Сигурно веќе знаевте дека сите чекаат ред за погача со паричка. Ама има една финта, за тие кои не знаат – ако кажете погача со паричка, добивате скапа варијанта од 100 денари и фенси погача, ако пак кажете лепче, ќе добиете поскромна варијанта за само 30 денари.

Денеска научивме и дека може да се купи и пита со праз и со паричка која продавачката ја вметнува внатре на лице место, онака, без ништо, гола или што би се рекло – клот.

Епа ете, тоа е, важно е да се направат сите редови и да се поминат празниците таман како што треба, денеска со посно, а од утре со прасе или мисирка, зависи од тоа дали сте по месото или сте лајт „вегетаријанец“.

А не дека до вчера постевме, барем не повеќето од нас, чест на исклучоците. Тие веројатно синоќа и не шетале по огништата, си легнале за да станат порано и да стасаат на утринската литургија.

Како и да е, нека ни се среќни празниците на сите и секој  нека си прави по свое – ама дома! Доста веќе со таа глупава пироманија и „индијански“ обичаи!!!

loading...