САМО ЗА КАНДИДАТИ ЗА „ШЕФОВИ“ Шкампи во сос од домати

Две нешта се најважни кога го подготвувате ова јадење – лукот мора буквално да се стопи и неговиот вкус да се чувствува, а густината на сосот мора внимателно да се контролира.

0
259

Шкампите се исклучително квалитетни и висококалорични морски плодови. Наједноставно се подготвуваат на скара или печени во рерна. Но, овој рецепт (на интернет, на српски и хрватски јазик, ќе го најдете и под називот „шкапми на бузари“), е за мажите што сакаат да демонстрираат малку повеќе вештина во готвењето. Зошто велиме „за мажите“? Дамите нека простат и нека одморат малку – подготвување риба и морски плодови (како и ловењето, впрочем), сепак е машка работа.

Потребни состојки:

1/2 килограм свежи шкампи

1/2 килограм тестенини по избор

150 грама густ доматен сос

2 чешниња лук

1/2 главица црвен кромид

маслиново масло

сушен босилек

сол

неколку ливчиња свеж босилек

рендан пармезан

Препорака: Шкампите мора да бидат свежи и излупени од тврдата луспа со која се обложени. За да ги излупите, треба да ги потопите 2 до 3 минути во зовриена вода. Откако ќе ги исцедите (не ги полевајте со ладна вода!), дозволете да се изладат малку и потоа внимателно излупете ги. Во меѓувреме, сварете ги тестенините, но и нив не ги цедете со студена вода.

Приготвување:

Загрејте тиган со поклопец или соодветен лонец. Ставете малку маслиново масло и во него испржете го лукот исечкан на тенки ливчиња.

Внимавајте, лукот е една од тајните на овој рецепт – тој мора буквално да се стопи и неговиот вкус на крајот треба да се почувствува. Некои во маслото пропржуваат и кромид, но ние се определивме за црвениот кромид, кој е исклучително вкусен (патем речено, станува збор за одличен диуретик), да го додадеме исечкан на тркалца, на крајот, како во салата.

Штом ќе го пропржите лукот, посолете, додајте малку сув босилек и потоа додајте ги доматниот сос и сварените тестенини. Промешајте добро. Внимавајте, сосот не треба да биде премногу густ и ако е потребо, додајте малку зовриена вода. Потоа садот покријте го со поклопец, стивнете го огнот и оставете десеттина минути да крчка.

Шкампите се додаваат на крајот. Тргнете го поклопецот и проверете ја густината на сосот. Доколку е премногу течен, ќе биде потребна уште некоја минута водата да испари. Ако е премногу „сув“, пак ќе мора да додадете малку зовриена вода. Додајте ги шкампите и повторно поклопете го садот. За 5 минути тргнете го поклопецот и шкампите веќе треба да се солидно заруменети. Уште еднаш пробајте го сосот – ако е редок, пржете уште 2 до 3 минути.

Вашето јадење префрлете го од садот во голема, длабока чинија. Сега е време да ги додатете тркалацата црвен кромид и ливчињата свеж босилек. Сосема на крајот, посипете рендан пармезан. Тоа е тоа.

Со ова исклучително вкусно јадење се пие „лесно“, но квалитетно бело вино. Совињоњ бланк, на пример.

loading...