Слатка пита со готови кори

Рецептот не е нов ниту поинаков од другите што можат да се најдат на оваа 'тема', но се разликуваат по тоа што на самиот старт емавме доволно материјал за филот, па се снајдовме додавајќи различни видови суво овошје, ореви и гриз

0
901

Ако немате време или не знаете како се прават тенки кори за пита, тогаш најдете си некое сигурно место од кое ќе купувате кори. Препорачуваме тоа да бидат корите од дуќанчето за домашни кори, јуфки, талјатели, лазањи и солена и несолена урда. Да, тоа се сите производи што се продаваат таму, но опстојуваат со години. Прво тука беше стариот мајстор и газда, а сега во дуќанот го наследи неговата снаа.

Нивните кори, како и сите други домашни производи кои ги изработуваат се навистина првокласни.

Секогаш кога ќе посакаме пита, купуваме кори и урда од истото место и правиме солена варијанта, но правиме и слатка. И доколку не ви стасаат вишните, секогаш можете да направите неколку и со јаболка, а за да ја зголемите количината со која располагате, можете да додавате се и сешто.

Состојки:

За двете варијанти, со вишни и со јаболка:

500 г готови кори

400 г замрзнати вишни

неколку суви сливи и суви брусници

100 г шеќер

2-3 јаболки

50 г сечкани оревчиња

4 лажици гриз

Масло за попрскување и кокосово масло за премачкување.

Шеќер за поросување

Приготвување:

Питите се прават на вообичаениот начин, но она поради што го објавуваме овој рецепт е начинот на кој се снајдовме кога сфативме дека немаме доволно материјал за сочен фил.

Значи, ако сфатите дека немате доволно вишни, освен што ставате 2 лажици гриз и шеќер во вкус (ние ставаме помалку шеќер, околу 2 рамни лажици), додадете некое суво овошје што го имате дома, а најдобро оди со суви сливи и суви брусници.

Во јаболката пак, ако и со нив немате доволно за преостанатите кори, освен малку шеќер, можете да додадете суво грозје и сечкани оревчиња.

Потоа редете по три кори една врз друга со тоа што ги попрскувате со масло сите освен третата во која ставате од филот, во дел од корите ставате од филот со вишни, а во другите, фил од јаболки. Завиткајте ги како ролати и наредете ги во тепсијата за печење. Ние одозгора ставивме по малку кокосов путер.

Се печат во загреана рерна додека не поруменат, обично околу 20-30 минути.

Откако ќе се оладат поросете по желба со шеќер во прав.