Сликите на Ван Гог, Густав Климт, Моне, Дали, …на торти и колачи?!

Дваесет и петгодишниот Саша Алексиќ е магистер по применета уметност, за живот заработува како графички дизајнер во една компанија во Ниш, а за свое  и задоволство на другите, изработува необично прекрасни и, велат, вкусни торти, дури и такви во кои става кечап, грашок, краставици и мајонез

0
369

„Отсекогаш сакав да јадам слатки и да ја гледам тетка ми додека ги прави, па така гледајќи додека го прави тоа, ‘го купив занаетот’ и во 2012. година почнав да правам колачиња, медењаци, кои беа многу поедноставни од оние што ги правам денес. Дури во 2014. година се пробав во правење торти и првпат учествував на некој натпревар. После тоа почнав малку посериозно да се занимавам со ова, но само како хоби. Имено, не правам торти за продажба, туку само за натпревари и саеми за храна“, раскажува нашиот соговорник, 25.годишниот Саша Алексиќ од Ниш, кого го запознавме викендов, за време на одржувањето на Интерскопкејкс 2019.

И навистина, Саша прави чуда. Односно, вистински уметнички дела кои ќе ви биде жал да ги исечете и да почнете да ги јадете затоа што тоа ќе ви изгледа како да сте уништиле слика од Клод Моне, Ван Гог, од Пикасо, Климт, Дали…Дали би го направиле тоа?

Саша вели дека  ги поттикнува луѓето да го направат тоа бидејќи тие торти се сепак направени за јадење.

Првата уметничка торта што ја направил била со мотиви од сликите на Ван Гог, а такви биле и мафините кои ги поставил околу тортата. Се разбира, тортата била поразлична од другите конкурентни колачи, па привлекла големо внимание, а тој добил многу позитивни коментари за своето слатко дело, што му дало поттик да почне да ја развива оваа идеја за уметнички торти.

А токму поради своите уметнички афинитети и очигледно, голем талент, и неговото школување се одвивало во таа насока. Завршил средно уметничко училиште во Ниш, на смерот за графички дизајн, а после тоа се запишал на Факултетот за уметност, исто така на смерот за графички дизајн, за потоа да заврши и мастер студии на истиот факултет. Сега е магистер по применета уметност и одлучил да ги спои својата професија и своето хоби во една целина.

Alphonse Mucha – Art Nouveau

Конкретно, за изработувањето на торти, Саша не бил на никаква обука и сè што научил досега произлегло од неговите сопствени обиди и е резултат на безброј негови експерименти со разни материјали и техники.

„Сакам да испробувам нови материјали и да комбинирам различни техники за да го постигнам крајниот резултат кој може да се види на моите торти. Дури сакам да експериментирам и со рецепти и да смислувам свои рецепти во кои користам необични материјали, состојки што не се вообичаени за торти и десерти, како што се кечап, мајонез, грашок, домати, краставици…

Најчудната торта која често ја правам и која предизвикува чудење и воодушевување кај секој дегустатор е тортата со кечап. Ниту еден од моите пријатели не можеше да верува дека ставам кечап во самата торта затоа што тортата на крајот е сепак слатка и има совршен вкус.

Имам испробано најразлични други комбинации, па дури добив и награда за мојот рецепт со краставици, кој е исто толку чуден, но и многу вкусен и несекојдневен.

Претежно, моите пријатели се оние кои први ги дегустираат новите рецепти и досега никој од нив не успеал да ја погоди тајната состојка на некој рецепт, а потоа, кога ќе им кажам, секогаш се вчудоневидуваат“, се смее Саша.

Amedeo Modigliani cake

Лично, најгорд е на својата торта што ја насликал со сликите на Густав Климт.

„Тортата беше една од најголемите што некогаш сум ја направил, и затоа и најдетална затоа што поминав многу време на нејзиното сликање. Понекогаш се изненадувам затоа што кога ќе се фатам на работа и ќе започнам да сликам, за мене времето застанува и на крајот кога ќе го погледнам часовникот, не можам да верувам дека поминало толку многу време. Се трудам да пренесам што е можно повеќе детали и затоа посветувам толку многу време на самата декорација и сликањето“, објаснува Саша.

И секако, сите негови пријатели и колеги, за своите родендени очекуваат од него слатки, па токму тие ја имаат и привилегијата да изедат сè што ќе направи, иако понекогаш и самите знаат да побараат од него да им направи нешто слатко и необично.

Pablo Picasso – L’acrobat 1930

А нему тоа му е вистинско задоволство и најмногу од сѐ би сакал еден ден да има своја кафе-слаткарница кадешто би можел да ги продава своите необични десерти со различни вкусови и декорации.

Фотографиите се од ТУКА.