Слоу фуд Балкан го обединува регионот преку храната

Само Грција не е дел од регионалната мрежа Слоу фуд Балкан, а како најдобро структурирани, нашата соговорничка, претседател и координатор на Слоу фуд Бугарија и на Слоу фуд Балкан, Десислава Димитрова, ги издвојува Слоу фуд Македонија, Слоу фуд Албанија и Слоу фуд Бугарија.

0
124

На првиот основачки конгрес на Слоу фуд Македонија со кој оваа досегашна мрежа на локални заедници (конвивиуми) и официјално стана национална организација, меѓу останатите гости беше и нашата соговорничка Десислава Димитрова, претседател и координатор на Слоу фуд Бугарија и на Слоу фуд Балкан, за Слоу фуд интернешнл.

Десислава Димитрова завршила биологија и е доцент на Институтот за биодиверзитет и екосистеми при Бугарската академија на науките. Од 2004 година е координатор на меѓународното движење Slow Food за Бугарија – работа која ги комбинира нејзината професија на ботаничар и нејзиното хоби – да биде истражувач и откривач на зачувани стари и автентични вкусови.

Slow Food е движење кое во центарот на своето внимание ги става малите производители, носителите на традиционалното знаење за производство на храна од целиот свет. Тоа се покажа и од неговото мото „Добро, чисто, правично “ – храната треба да е убава, вкусна, да носи задоволство на непцето и да имаме желба да ја делиме; храната треба да е чиста, односно нејзиното производство да не ѝ наштетува на природата, да не води до загуба на биодиверзитетот и најважно, храната треба да е правична, односно производителите да добиваат правична заработувачка за својот труд, а корисниците – гарантиран пристап до квалитетна храна со прифатливи цени.

Десислава Димитрова, освен претседател е и оснивач на оваа мрежа во Бугарија која е основана во 2004 година.

„Бев на една конференција во 2003 година во Италија кадешто се запознав со Слоу фуд и бев поканета да ја организирам првата делегација од Бугарија за Тера мадре во Торино за 2004 година и така започна целата работа.

Јас пораснав во северозападна Бугарија, кадешто како мала го поминував секое лето во село со баба и со дедо и тогаш се сврзав со земјата и со храната на еден многу силен начин. Можеби и затоа се определив за професијата на биолог-ботаничар па во моментов работам на развивање  на етно-ботаниката во бугарската академија на науките, и на тој начин ги спојувам двете работи, научната и онаа волонтерската во слоу фуд .

Со цел зачувување на биодиверзитетот на Балканот во сите земји, освен во Грција, постои слоу фуд мрежа, која е организирана на различен начин , но насекаде постои како движење. Иако поради различниот начин на кој функционира и се финансира, ми е тешко да издвојам, сепак можам да кажам дека според мене, водечки структурирани организации на Слоу фуд има во Македонија, во Албанија и во Бугарија.

Инаку, сите многу добро соработуваме, па заеднички е и нашиот проект Тера Мадре Балкан, што е добро за да се поддржиме едни со други бидејќи сме соочени со исти предизвици и со сродни проблеми“, вели Десислава која на конгресот дојде на покана на своите колеги од Слоу фуд Македонија.

Според неа, начинот на кој функционира оваа мрежа зависи и од тоа дали е истата поткрепена од државата или не.

„Во Бугарија е многу тешко. Ние до 1989. година немавме никаква приватна иницијатива, а потоа брзото влегување во Еу не ни остави време за развивање на приватната иницијатива па сега дејствуваме малку постфактум и се обидуваме да ги поправиме грешките. Немаме поткрепа од страна на државата, но не се откажуваме и продолжуваме, не води самата идеја, односно, нашата визија за свет во кој сите луѓе имаат пристап и уживаат во храна која е добра за нив, добра за оние што ја одгледуваат и добра за планетата.

Во секој случај, мора брзо да се дејствува за да се спаси биодиверзитетот и да се зачува традицијата. Во Бугарија имаме 6 президиуми, не можам да кажам кој е најспецифичен, бидејќи сите производи се специфични. Тука спаѓаат: источнобалканската свиња, познатото зелено сирење од Черни Вит, Каракачанската овца, и президиумот Меурче, розов домат од Куртово Конаре и смиљански грав“, вели Десислава.

Инаку, Слоу Фуд вклучува повеќе од еден милион активисти, готвачи, експерти, млади, земјоделци, рибари и научници од над 160 земји. Меѓу нив, мрежа од околу 100.000 членови се поврзани во 1.500 локални поглавја низ светот, кои даваат свој придонес преку членарината што ја плаќаат, како и преку настаните и кампањите што ги организираат. Како дел од мрежата, повеќе од 2.400 заедници за храна на Тера Мадре практикуваат мало и одржливо производство на квалитетна храна низ целиот свет. Основана во Софија во 2000.година, мрежата на Тера Мадре за Балканот е прва од ваков вид што обединува заедници на храна од различни држави од еден ист регион. Балканските држави споделуваат уникатни традиции што се однесуваат на исхраната и слични социјално – економски услови. Секако, зачувувањето на гастрономското наследство на балканските народи има потреба од заеднички и сериозни напори што ги надминуваат националните граници.

Петтото издание на „Тера Мадре Балкан“ – настанот на кое се состануваат заедниците за храна од Југоисточна Европа – ќе се одржи во престолнината на Европската унија од 21-ви до 23-ти мај оваа година.

По четирите претходни изданија кои беа организирани во Софија (2010, 2012), Дубровник (2014) и Тирана (2016), мрежата „Тера Мадре Балкан“ реши нејзиниот глас да одекне во средиштето на европската дебата, во година која е од суштинско значење за иднината на новата Заедничка земјоделска политика.

Над 100 делегати од 9 земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Република Македонија, Романија и Србија) ќе се состанат во Брисел, претставувајќи го разновидниот потенцијал со кој располага „Тера Мадре Балкан“ – мрежа која своите длабоки корени ги влече од регион во кој има илјадници поддржувачи, 24 Президиуми на „Слоу Фуд“, над 100 заедници за храна, 50 готвачи и 15 едукативни програми за исхрана и вкус.

loading...