Слоу Фуд: Сакаме јасни и задолжителни правила за сите земји и последици за оние кои не ги почитуваат

Трите најголеми производители на месо во светот произведуваат повеќе емисии од Франција, и речиси исто колку и некои од најголемите нафтени компании. Ако овие компании беа држава, тие ќе беа седмиот најголем производител на емисии на стакленички гасови во светот, велат од интернационалната организација на Слоу фуд, во барањето упатено до учесниците на годишната Конференција на ОН за климатските промени.

0
84

Светската климатска конференција на Обединетите нации (COP24) моментално се одржува во Катовице, Полска. За време на конференцијата, учесниците се повикуваат да креираат „Правилник“, систем на заеднички правила за спроведување на обврските преземени во Париз во 2015 година.

„COP ја признава одговорноста на индустриската храна во создавањето на емисии на стакленички гасови“, вели Урсула Хадсон, претседател на Слоу Фуд Германија и член на Извршниот комитет на Слоу Фуд.

„Ние знаеме дека земјоделството и користењето на земјиштето генерално предизвикуваат четвртина од вкупните емисии на стакленички гасови на глобално ниво (IPCC). Во Европа, ако ја вклучиме и енергијата потрошена за одгледување и производство на храна, транспорт, ладење и подготовка, цифрата се зголемува до 40%.

Трите најголеми производители на месо во светот произведуваат повеќе емисии од Франција, и речиси исто како и некои од најголемите нафтени компании. Ако овие компании беа држава, тие ќе бидат седмиот најголем производител на емисии на стакленички гасови во светот. Потрошувачката на месо мора да биде значително намалена (две третини од земјоделските емисии се должат на сточарското производство) и морските екосистеми, кои се способни да ги изолираат големите количини на CO2, мора да бидат заштитени. Време е меѓународната заедница да ги земе предвид овие податоци. Потребни се храбри политичари кои не се плашат да ги санкционираат индустриите кои не ги исполнуваат климатските цели“.

Сето ова мора да се направи на глобално ниво, а COP24 е нашиот најдобар начин. Земјите кои не го почитуваат договорот, или кои се повлекуваат од него, исто така мора да бидат санкционирани на некој начин од страна на меѓународната заедница. Климатското прашање е глобално прашање и иднината на човештвото не може да биде загрозена поради кратковидната себичност на политичарите во потрага по консензус и моќ.

Случајот на бразилската шума Амазон е симболичен: Ова огромно зелено белодробно крило игра клучна улога во регулирањето на климата и зачувувањето на биолошката разновидност. Тропското уништување на шумите и деградацијата на шумите како последица од проширувањето на земјоделието, пренамената во пасишта, деструктивната сеча, шумските пожари и други причини претставуваат 11% од глобалните емисии на стакленички гасови (ФАО). Во Бразил, помеѓу август 2016 и јули 2017 година, 6644 квадратни километри од дождовната шума на Амазон беа изгубени за само една година (INPE).

„Иднината може да биде уште полоша“, вели Жорж Шнајдер, претседател на Слоу Фуд Бразил и член на Извршниот комитет на Слоу Фуд.

„Ако ветувањата на претседателот Жаир Болсонаро, за време на неговата изборна кампања (намалување на мерките за заштита на животната средина, крај на заштитените подрачја и земјиште резервирани за домородните народи, намалување на санкциите против еколошки кривични дела) навистина се остварат, последиците ќе бидат катастрофални за светската клима. Тоа би било катастрофа со глобални размери, затоа бараме од COP24 да не дозволи такви катастрофални политики да се спроведат во пракса“.

Полска, земјата домаќин на COP24, е дом на најголемата светска електрана на јаглен. Полскиот претседател Анджеј Дуда, по повод отворањето на конференцијата во Катовице, ја истакна намерата на неговата земја да започне енергетска транзиција, наведувајќи дека „Полска е подготвена да го направи својотј дел за безбедноста на планетата“.

Ана Руминска од Слоу Фуд Долни Сласк се надева дека „овде, како и низ цела Европа, наскоро ќе бидат усвоени конкретни и обврзувачки заложби за намалување на емисиите на CO2 и стимулирање на оние кои го практикуваат агроеколошкото земјоделство, значително го ограничуваат увозот на раси и сорти со цел да се поддржат и заштитат локалните ресурси и производители и да се произведува користејќи занаетчиски методи, со што ќе се зачува биолошката разновидност и ќе се заштити почвата“.

Слоу Фуд ја започна кампањата #FoodforChange за да ги потсети сите дека нашиот избор на храна може да направи разлика. Проектите што Слоу Фуд ги спроведува во повеќе од 160 земји покажуваат дека алтернативниот модел на производство е можен.

Слоу Фуд е глобална организација која предвидува свет во кој сите луѓе можат да пристапат и да уживаат во храната што е добра за нив, добро за оние кои ја произведуваат и добра за планетата. Слоу Фуд вклучува повеќе од милион активисти, готвачи, експерти, млади, земјоделци, рибари и академици во повеќе од 160 земји.

Текстот го добивме од Slow Food International Press Office

Фото: Pixabay

loading...