Снежана Ангеловска: Дипломиран психолог, мастер шеф по слаткарство

Таа е секогаш таму кадешто се најубавите торти, а нејзиното име е синоним за „ангелчињата“, хуманитарната организација која ја основаше пред цели 15 години кога ја победи и тешката болест и посака да им помага на оние на кои им е тоа потребно преку организирањето на најслатките хуманитарни манифестации, тортијадите „Слатка мистерија“ и „Интерскопкејкс“

0
749

Снежана Ангеловска е дипломиран психолог, но љубовта кон тортите и слатките, но и нејзиното најголемо животно искушение, болеста со која се борела долг период, ја одвеле во сосема друга насока.

Денеска таа е синоним за хуманитарната организација „ХОА Ангелчиња“ која ја основала пред цели 15 години, но и за најслатките манифестации со хуманитарен карактер, тортијадите „Слатка мистерија“ и „Интерскопкејкс“. Особено е горда и на своите два животни рекорди, најтешката (100 килограми) и најдолгата торта (7 метри) во државава.

„По професија сум психолог, бев вработена во здравство, но болеста ме натера да почнам да се занимавам со други работи, а потоа и со хуманитарна дејност.

Иако љубовта кон тортите ми почна многу рано, немав можност да се школувам за тоа, па дури кога се вработив во болница како медицинска сестра, со свои средства завршив вонредно гастрономија, угостителство и продолжив да се едуцирам во оваа област.

Приказната е малку емотивна па ќе бидам кратка во врска со неа. Пред 15 години се разболев, ја добив поддршката од луѓе кои ги познавав, но и од многумина кои не ги познавав, а ми помогнаа да го надминам проблемот кој го имав и кој траеше со години. Тоа ме поттикна да станам дел од оние што помагаат, да подадам рака за сите оние кои ќе се најдат во таква ситуација која понекогаш доаѓа во животот, во каква што бев и јас, и ја основав хуманитарната организација ‘Ангелчиња’. Почнавме со мојот син, неговите другари, потоа, луѓе заболени од канцер, нивни роднини, сите заедно соработувавме, доаѓавме до идеи кои се реализираа со поддршка на сите оние луѓе кои се родени со хуманост.

Завршив специјализација за чоколадо во Лион, Франција, работам артистика, но секое слатко задоволство е вистински предизвик за мене. Не јадам слатко, но затоа многу правам. Занаетот се трудам да го споделам со секој кој е заинтересиран за оваа професија“, вели Снежана Ангеловска со која разговаравме во екот на годинешниот „ГастроМак“.

Имено, веќе две години Снежана е извршен директор на ГастроМак.

„Се трудам заедно со целата екипа која работи на организацијата на оваа манифестација, да го постигнеме врвот во гастрономијата, да ја презентираме нашата култура, традиција, а македонската кујна да ја ставиме на пиедесталот, рамо до рамо со светската“, вели Снежана.

Таа, откако знае за себе се дефинира во слаткарството, а во царството на слатките работи е активна повеќе од 15 години. Веќе со години учествува на натпревари и досега има освоено 101 златна медала.

„За мене слаткарството е најубавата професија, посебно чоколадото и артистиката. И како и секоја професија која ја работите со љубов, и слаткарството бара многу трпение, вложување во едукација, жртвување…, но сепак крајниот резултат ве прави среќни“, вели таа.

Снежана е организатор на ред хуманитарни манифестации.

„Покрај многуте акции на локално и меѓународно ниво, за мене многу важни се манифестациите ‘Слатка мистерија’ и ‘Интерскопкејкс’. Првата, на локално ниво, е веќе брендирана и многу актуелна, а ‘Интерскопкејкс’, е од меѓународен карактер и постои веќе 11 години. Се трудиме , да ја разбудиме желбата за слаткарство и можам да се пофалам дека минатата година, на ‘Интерскопкејкс’, имавме 4 илјади посетители“, раскажува Снежанав.

Особено е горда на своите два рекорди – најтешка торта во државата, на неколку нивоа, која ја направила на еден натпревар за торти организиран од општина Карпош (тортата тежела 601 килограм). Другиот рекорд е нејзината торта долга 7 метри.

Досега имала повеќе чоколадни изложби надвор од Македонија, а минатата година, за првпат, и во нашата земја.

Како им одолева на сите тие слатки кои ги изработува со голема љубов и трпение, но и на оние кои ги оценува како лиценциран судија на ВАЦС (Светска асоцијација на здруженијата на шефови на кујни), за нас, и после ова интервју, остана ‘слатка мистерија’.