Супер идеја за туршија

Кој мислеше дека еден ден ќе си мењаме рецепти за туршија?!

0
818

Да, да, ете, наместо како порано, за дечковци или пак за смисолот на животот, со другарка ми Кате Аницин денеска, меѓудругите муабети за децата и за новостекнатите здравствени проблеми, за спондилоза, тироида, итн, и си направивме муабет и за туршија.

„Јас во последно време без луто не можам“, вели другарка ми Кате.

И место зимоска да давам 25 денари за една лута пиперка, решив да си направам залиха лути пиперки во сос од домати по рецептот на сестра ми.

Како се прави?

Купете 3 килограми лути пиперки (ако јадете луто, ако не, истата варијанта се прави и со нелути)

3 килограми домати

1/2 лажица шеќер и малку сол за сосот од домати.

Чисти тегли (од оваа количина ќе ви излезат 7 тегли)

Приготвување:

Ги пропржувате пиперките колку да омекнат малку за да може да ги наредите во теглите.

Доматите ги лупите и ги рендате или сечкате во тенџере, додавате малку шеќер и сол и го правите сосот. Кога ќе испари течноста, додека е сосот уште жежок ставете го врз пиперките за да се наполнат теглите.

Ги затворате веднаш убаво со капаци и ги виткате во некое ќебенце. Најдобро е да отстојат преку ноќ. Кога ќе се оладат, чувајте ги таму кадешто си ја чувате и другата туршија, а ако имате фрижидер плус, најпаметно е да ги ставите таму.