Целијакија: Од првите симптоми до поставување на дијагнозата просечно минуваат 10 години

Докажано е дека колку подоцна се постави дијагноза на целијакија можноста да се развие некое автоимуно заболување е поголема. Кај овие болни почести се малигните заболувања на дигестивниот систем, но со спроведување на безглутенска исхрана болните брзо се опоравуваат и може да имаат нормален живот, а ризикот за појава на малигна болест се намалува и е еднаков како кај останатите.

0
266

И покрај тоа што дијагностицирањето на одредена болест обично е негативна вест, за луѓето  дијагностицирани со целијакија правилната дијагноза значи и крај на проблемите. Целијакија е генетско автоимуно заболување кое се јавува при внес на храна која содржи глутен. Кај лицата со целијакија, телото го препознава глутенот како „туѓо тело“ и почнува да реагира напаѓајќи ги сопствените клетки. Под поимот глутен во лаичката интерпретација пред сè се мисли на белковина од пченицата, пирот, ’ржта и јачменот каде тој е присутен во различни комбинации на своите компоненти – растителните белковини проламин и глутелин.

Со повеќе од 300 симптоми, целијакијата е состојба која е тешка и комплицирана за дијагностицирање. Голем дел од пациентите со години ги чувствуваат симптомите без притоа да имаат точно утврдена дијагноза. Талкаат од еден до друг доктор, се со цел да најдат спас за нивната состојба.

Се смета дека целијакијата се јавува откако е поттикната од некој здравствен проблем, како што е вирусна инфекција, бременост, породување или емоционален стрес.

Ваквата состојба се става под контрола откако ќе се воведе безглутенски режим на исхрана. На оваа тема разговаравме со проф. д-р Стефка Грујовска – специјалист педијатар, субспецијалист гастроентерохепатолог и доктор на наука, консултант во Поликлиника Рес Хумана.

Дали целијакија е нов проблем или пак го имало и порано но поретко или пак не сме знаеле за истиот?

Првпат  целијакија или глутенска ентеропатија  е опишана во вториот век од нашата ера . Во 19 век педијатарот  Samuel Gee дал прецизен опис на болеста но дури во 1940 година појавата на болеста   била поврзано со исхрана со брашно. Промените кои настануваат во тенките црева се опишани првпат во четириесетите години на минатиот век на наод од обдукција. Подоцна е докажано  дека болеста има наследен карактер.

Порастот на новооткриени болни од целијакија или глутенска ентеропатија се должи на зголемената свесност  за  болеста  и нејзиното препознавање, воведување на специфични серолошки тестирања на сомнителните случаи и изведување на ендоскопско иследување на дигестивниот систем.

Во втората декада на минатиот век  се откриени специфични антитела кај болните од глутенска ентеропатија. Со нивно воведување во иследувањето на пациентите за кои има сомнение дека боледуваат од оваа  болест знатно е олеснето поставувањето на дијагноза. Истовремено се  прават и генетски иследувања.

Златен стандард за поставување на дијагнозата е ендоскопско иследување на  гастроинтестиналниот тракт за да се докажат типичните промени во цревата кои се причина за пореметување на апсорбцијата на хранливите материи.

Денес се смета дека 1 процент од целокупната популација на земјата боледува од  глутенска ентеропатија односно во Европа – 1 од 130, до 1 од 300 во различни земји ја имаат оваа болест. Ризикот за болеста кај членовите на  семејство каде има болен од целијакија е 10 пати поголем.

Која е причината за оваа состојба и како се утврдува истата. Дали станува збор за генетски фактори или нешто друго?

Целијакија или глутенска ентеропатија е една од најчестите хронични гастроентеролошки болести, а се должи на трајна неподносливост кон глутен  кој е составен дел на житарките- пченица,  ’рж, јачмен, овес  и просо. Оваа неподносливост се должи на генетска предиспозиција, односно е наследна . Луѓето кои имаат генетска предиспозиција може да манифестираат болест во секоја возраст од животот. За настанување на болеста потребен е провоцирачки фактор – инфекција, стрес, бременост или друга болест. Глутенот е протеин во состав на житарките, кој кај осетливите индивидуи предизвикува оштетување на цревната слузница и пореметување на апсорпцијата на хранливи материи.

Кај кого најчесто се дијагностицира оваа состојба кај деца, кај возрасни, кај жени, кај мажи?

Како што реков погоре, болеста може да се манифестира во секоја возраст.

Постојат типични и атипични форми на болеста и бидејќи кај деца се почести типичните кои полесно се дијагностицираат, порано се сметало дека тоа е болест која започнува во детството.

Денес е докажано дека е еднакво застапена кај двата пола,  но кај возрасните предоминираат атипичните форми на болеста поради што поретко се дијагностицира. Се претпоставува дека на еден дијагностициран болен од целијакија има 7 кои не се дијагностицирани. Од појавата на првите симптоми до поставување на дијагнозата на глутенска ентеропатија просечно минуваат 10 години. Бидејќи зафаќа многу органи и системи денес целијакијата се дефинира како мултисистемска болест.

Кои се најчестите   симптоми  и како ќе знаеме дека треба да  одиме да се провериме?

Глутенската ентеропатија се манифестира во типична и атипична  форма која е почеста.

Кај типичната форма која е повеќе застапена  кај деца се јавува слабеење, апатија, проливи или опстипација, губиток на апетитот, бледило на кожата, надуен стомак. Со време се јавува и висински дефицит.

Поради пореметување во апсорпцијата на хранливите материи се јавува  анемија со недостаток на железо, фолна киселина, витамин  Б12, ниски вредности на протеини во крвта,  губиток на минералите и витамините.

Кај возрасните освен  типичната клиничка слика која ја опишавме почесто се манифестираат атипични форми на болеста.

Болните често се жалат на хроничен замор, имаат надуен стомак, постојано претакање на цревата,  запек или проливи, не поднесуваат некоја храна. Постепено и кај нив се манифестираат симптоми поради пореметена апсорпција на хранливите материи.

Кај жените со целијакија можно е да се јави ран климактериум, неплодност, чести спонтани абортуси.

Се манифестира рана остеопороза, дефекти на забниот емајл,  слабокрвност, пореметување на факторите на коагулација на крвта поради пореметена синтеза на витамин К.

Можни се и неуролошки нарушувања како епилепсија, неуропатија , мигрена, појава на калцификати во мозокот. Од психичките нарушувања се манифестира депресија.

Оваа болест може да биде здружена со низа автоимуни болести како Диабетес мелитус тип 1, псориаза,  Сјоргенов синдром, автоимун хепатитис , автоимун тироидитис, витилиго, артритис.

Докажано е дека колку подоцна се постави дијагноза на целијакија можноста да се развие некое автоимуно заболување е поголема.

Кај овие болни почести се малигните заболувања  на дигестивниот систем

Понекогаш помеѓу болните со автоимуни болести треба да се обидеме да  ги детектираме болните од глутенска ентеропатија , по претходно серолошко и генетско иследување.

Потребно е да се направи ендоскопија на дигестивнио тракт за да се докажат промените кои се типични за болеста.

На кој начин се утврдува дали некој има целијакија, дали станува збор за  тешко и болно испитување?

Ако постои сомнение за болеста неопходно е пациентот да се иследува кај педијатриски или адултен гастроентеролог. Притоа се прават  серолошки иследувања за да се детектираат антителата кои се специфични за болеста , гене тски иследувања и ендоскопско испитување на гастроинтестиналниот тракт.

Колку е тешко човек да се придржува до без глутенска диета?

Единствена терапија за целијакија е безглутенска диета во тек на целиот живот. Со спроведување на оваа  исхрана болните брзо се опоравуваат и може да имаат нормален живот  Децата постигнуваат оптимална висина и не се разликуваат од своите здрави врсници.

Ризикот за појава на малигна болест се намалува и е еднаков како кај останатите. Колку побрзо се постави дијагноза нутритивните дефицити побрзо ќе бидат надминати.

Дали на овој начин на исхрана е особено тешко да се придржуваат децата, што препорачувате обично и што може да се случи доколку се изеде нешто погрешно?

Започнување на безглутенската диета е тешко за возрасни, а особено за децата. Потребно е внимание од целото семејство, поддршка и охрабрување.  Ако се направи грешка во исхрана кај некои се јавуваат болки во стомакот, повраќање, а кај други нема никакви тегоби. Дури и да нема никакви тегоби пациентот треба да спроведува строга безглутенска диета заради ДОЛГОРОЧНИТЕ РИЗИЦИ.

Потешкотија во спроведување на диетата е можна т.н. контаминација на храната со глутен и при спроведување на  строга диета. Докажано е дека глутенот кој се содржи во 1/48 дел од обично парче глутенски леб може да биде причина за одржување на активна болест.

Во светот е прифатено дека сите продукти храна кои не содржат глутен при нивно лиценцирање добиваат знак на клас од пченица које прецртан.

Фото: Pixabey

 

loading...