Јаболки не би требало да јадеме навечер?!

Многу ми е жал затоа што ми се расипа „приказната“. Онаа од детството, кога мајка ми ни лупеше и ни подаваше парченца јаболка кои ги грицкавме додека навечер гледавме некој филм на видео-касета. Според нутриционистите, излегува дека всушност, не сме правеле ништо добро за себе и за својот организам.

0
1257

Памтам дека кога бев мала и не сакав да одам на спиење, земав јаболко, се пикав под маса и не излегував додека не го изедам, а потоа, додека не ме гледаа, брзо земав уште едно, не затоа што многу ми се јадеше, туку за да го одложам одењето на спиење… Моите родители сметаа дека е здраво да се јадат јаболки во било кој дел од денот, па дури и по цена да одам малку подоцна на спиење.

Па така често додека навечер сите заедно гледавме некој филм на тогашните видео-касети кои се изнајмуваа од видеотека, мајка ми ни сечеше јаболка и ни ги подаваше парченцата, а ние грицкавме и баравме уште.

Сега имаме многу нутриционисти и тие не советуваат што и кога треба да јадеме. Најголемо разочарување за мене беше токму овој совет, дека јаболка не е добро да се јадат навечер.

Ете, ме изненади информацијата дека овој плод кој го јакне имунитетот не би требало да го јадеме во кој било период од денот, туку само наутро. За оваа препорака се наведуваат и конкретни причини.

Според некои студии, јаболко е препорачливо да се јаде во раните утрински часови затоа што јаболката се богати со диететски влакна и пектин кој се наоѓа во нивната кора.

Патем, ние најчесто ги лупиме, освен кога не се купени од луѓе кои ни гарантираат дека се органски.

Повеќето луѓе имаат проблеми со варењето заради неадекватен сон или лоши прехранбени навики, па јадењето јаболко наутро, непосредно по будењето, е добра идеја. Јаболките наутро можат да го стимулираат нашето варење подобро од било кое друго овошје, велат нутриционистите.

Освен тоа, пектинот присутен во јаболката може да помогне да се ослободиме од токсините, затоа што тој доведува до елиминација на канцерогените материи од организмот.

Но мене ме разочара оној дел според кој, доколку јадеме јаболки доцна навечер, ова продигестивно овошје може да се сврти против нас и да ги оптовари нашите интестинални функции. Ова значи дека јаболките во текот на ноќта ќе не надујат и ќе почувствуваме стомачна непријатност во текот на ноќта.

Исто така, органските киселини присутни во јаболките можеле да го зголемат лачењето на желудочна киселина, што исто така можело да го забрза поместувањето на цревната содржина.

Значи, според нутриционистите, најдобро било јаболка да се јадат непосредно по станувањето или помеѓу оброци, за да се извлече од нив максимумот кој вклучува хранливи материи, забрзување на процесот на губење на тежината, убава и здрава кожа, одлично варење и така натаму.

Веројатно е сето ова точно, но многу ми е жал затоа што ми се расипа „приказната“. Онаа од почетокот на текстов, дека додека како деца мајка ни ни лупеше и ни подаваше парченца јаболка кои ги грицкавме додека гледавме некој филм, всушност, не сме правеле ништо добро за себе и за својот организам.

Јас не се сеќавам дека сме имале проблем со варењето, ниту ние, ниту нашите родители, ама ако нутриционистите велат дека тоа не е добро, нека биде така, ќе почитуваме. Се враќаме на чипс и на смоки.

Се шегувам, но дали навистина сите оние вкусни комбинации од нашето детство, меѓу кои и сирењето со леб и лубеница или грозје, се толку лоши за нашето здравје?

А што останува тогаш за онаа навика која ја имавме, да јадеме зелени кајсии, цветови од багрем, црвените топчиња од зелените огради кои ние ги викавме „зајачки леб“, па дури и зумбулите на мајка ми?!

Што мислите вие за ова, а особено за новите прехранбени навики и за сите оние нови егзотични плодови, од типот на авокадо и манго кои влегоа во менито на македонските граѓани?

Фото: Pixabey

 

loading...