Здрава чоколадна торта, без повод и без глутен

344

Каква мајка таква ќерка или каква ќерка таква мајка, сеедно, е вистина која се потврдува и во случајот на нашата гастрономска ѕвезда во Лондон, Спасиа Динковски и нејзината мајка Светлана. Еве еден одличен рецепт од мајката која родила и воспитала дете кое иако далеку од Македонија, одлично го зборува македонскиот јазик и ја промовира македонската кујна. Здрава и безглутенска чоколадна торта

Светлана Динковски е мајка која родила и воспитала дете, односно, сега веќе девојка, која иако далеку од Македонија, одлично го зборува македонскиот јазик и ја промовира македонската кујна. Да, зборуваме за мајката на Спасиа Динковски, девојката со македонски корени која последниве две години, од речиси анонимна готвачка во повеќе мали ресторани во Лондон, стана вистинска ѕвезда со својот Mystic Borek и која по посетата на Македонија и нејзините приказни за ова гастрономско патување во земјата на своите родители на Инстаграм, го разбуди интересот на британската издавачка куќа DK (Дорлинг Киндерсли Лимитед, британска мултинационална издавачка компанија, дел од Penguin Random House) и потпиша договор за книга за македонската храна и традиција.

Иако е скопјанка, со мајката на Спасиа не се знаеме лично, а не поврза токму Спасиа. Оттогаш, таа е наша верна читателка и многу повеќе од само виртуелна пријателка. Наскоро, на некое од наредните патувања на Спасиа за потребите на книгата, за која, како нејзини домаќини, даваме свој придонес и ние, од „Арт кујна“, ја очекуваме и госпоѓа Светлана.

Во меѓувреме, се дружиме виртуелно, а деновиве бевме почестени и со одличен рецепт за здрава, безглутенска чоколадна торта со бадеми, суви кајсии и црно чоколадо.

Каква мајка таква ќерка, или каква ќерка таква мајка, сеедно, е вистина која се потврдува и во овој случај.

Еве го и рецептот, но претходно, Светлана советува дека треба да се направат две важни работи: Набавете тркалезно плехче што се отвара и бадемово брашно (или излупете, па смелете 200 грама сирови бадеми).

Состојки:

225 грама суви кајсии

Цимет (стапче или во прав)

Сок и рендана кора од 1 лимон

6 јајца

200 грама мелени бадеми

50 грама какао

200 грама жолт шеќер

1 ванилин шеќер

1 прашок за пециво

За преливот:

300 грама црно чоколадо

300 грама кисела павлака

Приготвување:

Кајсиите, циметот, ренданата кора и сокот од лимон се ставаат во 200 мл вода и се варат на тивко додека да омекнат кајсиите, а водата да испари. Можете дури и да ги оставите неколку часа да киснат во вода, а потоа да ги варите.

Мешајте кога е при крај за да не ви се залепи или да не ви загори. Ако сте користеле стапче цимет, сега извадете го. Смесата се остава да се излади и се блендира како пире.

Рерната се загрева на 190 степени.

Се подмачкува или се обложува со хартија за печење плехче со радиус 20 цм и длабоко 9 цм со дно кое се вади.

Се матат со јајцата со миксер, па се додава и шеќерот, плус 1 пакетче ванилин шеќер, уште се мати и потоа се додаваат смелените бадеми, смесата со кајсиите, прашокот за пециво и какаото.

Се става во плехот и се пече 50 до 55 минути на 190 степени.

Се остава да се излади и потоа се вади од плехот и се става во чинија во која ќе се послужи. Чоколадото се крши на коцки и се топи во тенџере на пареа, кога е стопено му се додава целата павлака и убаво се меша да стане мазен прелив. Се мачка одозгора и странично со шарки или украси по ваш избор.

Колачот направен од мама Светлана, го декорираше шеф Спасиа.