Дали се бадемите здрави или „опасни“?

Па...здрави се. И можат да бидат „опасни“. Еве за што станува збор.

0
636

Бадемите се супер. Вкусни се и здрави. И добро е што синоќа додека гледавте филм ја изедовте целата кесичка.

Па…не е страшно, но тие вкусни залачиња лесно можат да не „измамат“. Јадеме овошје, не јадеме чипс и потоа лесно се опуштаме и уште полесно забораваме дека препорачаната порција бадеми е многу, многу мала.

„Безбедната“ количина на бадеми е помеѓу 30 и 40 грама, што е во најдобар случај дваесетина бадеми. Е сега сетете се колку имаше во онаа кесичка од почетокот на текстот…

Нема причина за големи секирации затоа што се бадемите вистинско богатство кога станува збор за нутритивните состојки. Еве ја пресметката за 30 грама бадеми, што се смета за разумна мерка:

Во 30 грама бадеми има: 164 калории, 6 грама протеини, 14 грама масти (од што 1 грам заситени), 6 грама јаглени хидрати, 3,5 грама влакна, 1 грам шеќер.

Значи, ако изедете 30 грама бадеми, ќе внесете сосема пристојна количина протеини, како и 14 отсто од препорачаната дневна количина на влакна.

„Бадемите се богати со мононезаситени масни киселини кои се добри за срцето“, објаснува за Women’s Health др. Грејс Дероха.

Тие мононезаситени масни киселини го снижуваат LDL холестеролот (лошиот холестерол кој ни ги затнува артериите) и го креваат HDL холестеролот (добриот холестерол кој е важен за здравје на срцето).

Бадемите можат и да ви помогнат кога сте на диета, но морате да водите сметка за количината. Благодарение на високата содржина на протеини и влакна, тие се одличен избор за ужина, затоа што убаво ќе ве заситат.

Освен тоа, тие ги заблажуваат воспалителните процеси во телото и ви помагаат да ја држите телесната тежина во здрави граници. Се додека водите сметка за количината.

Затоа што…30 грама бадеми имаат 164 калории. Што значи дека 100 грама имаат околу 550 калории, околу четвртина од препорачаниот дневен внес. А сигурни сме дека не живеете само на бадеми.

Поентата е да уживата во ова здраво јаткасто овошје, но да го броите секое залче затоа што само така ќе го извлечете најдоброто од нив.

loading...