А како се прави мисо супа?

Мисо е јапонски зачин, кој е во вид на паста. Традиционалната мисо супа се состои од три или четири состојки кои најчесто се комбинација од морски алги и зеленчук и секако, неколку лажички мисо.

0
418

Мисо супата најчесто се сервира како прилог на главното јадење, но таа може да се јаде и како појадок, ручек или вечера, или како предјадење на главниот оброк. Во Јапонија, мисо супата се служи насекаде, а во поново време добива сѐ поголема популарност и во западниот свет.

Мисо е јапонски зачин, кој е во вид на паста. Се подготвува по пат на бавна и долга ферментација на сварени зрна соја, во присуство на посебна квасна габа – коџи. Покрај основа од соја, за ферментација често се користи мешавина од соја, ориз, јачмен и пченица, а понекогаш се додаваат и разни зачини за регулирање на нејзиниот вкус. Главно се разликуваат два вида мисо: црвено и бело.

Црвеното мисо се добива кога во смесата за ферментација преовладува сојата во однос на останатите житарки. Има темно кафена боја, со црвеникав сјај и има многу силен вкус.

Белото мисо се добива кога во смесата за ферентација има помалку соја. Тоа има посветла боја и многу подопадлив вкус.

Покрај оваа главна поделба, постојат и други илјадници различни видови на мисо. Сите имаат различен вкус, боја и јачина. Секој треба сам да го пронајде она мисо што најмногу одговара на неговиот вкус.

Традиционалната мисо супа, се состои од три или четири состојки, кои најчесто се комбинација од морски алги и зеленчук. Изборот секогаш е во согласност со сезоната, почитувајќи го правилото за контраст на боја, вкус и текстура. Така на пример, крцкавото младо кромидче, се комбинира во контраст со мека состојка, како што е тофу. Притоа, дел од состојките пливаат на површината, а други тонат на дното од чинијата, па постепено го откриваат својот вкус. Друг зеленчук, кој вообичаено се користи за подготовка на мисо супа е: морков, кромид, листови или корен од целер, пашканат, дајкон, дршки од брокула или карфиол, рендан ѓумбир, блитва, магдонос, шитаке печурки, итн. Доколку се служи за вечера, мисо супата може да се засили со оризови нудли, потоа со некоја варена житарка, како овес или јачмен, а може да се додаде и претходно сварен наут, грав или леќа.

Подготовката на традиционалното мисо е доста едноставно и брзо.

Најпрво се подготвува алгата, на стандарден начин: Парче вакаме или комбу, со големина од 5 цм за секоја чаша вода за супа (250 мл) најнапред се кисне во топла вода околу 15 минути. Потоа, содржината се процедува. Водата се фрла, а алгата се префрла во сад за варење (лонче), се додава вода и се остава да проврие 1-2 минути. На крајот, повторно се процедува, водата се фрла, а парчињата алга добро се ситнат со нож и се ставаат во тенџере.

Во тенџерето се става вода и еден прстофат сол. Се остава да зоврие, а потоа додека водата врие, во него постепено се додава иситнетиот зеленчук (на пример, дајкон исечен на стапчиња, тиквичка исечена на четвртинки, морков исечен на тркалца, перца од праз). Секој зеленчук се додава посебно, еден по еден на растојание од една минута. На крајот, тенџерето се трга од оган и се додава мисото.

По правило тоа се додава во количина од една кафена лажичка на една чаша вода (250 мл). Но, може да ја прилагодите количината во зависност од јачината на пастата со која располагате. Така, доколку пастата е многу јака, додадете помалку мисо, и обратно. За да не останат грутки од пастата во супата, потребната количина мисо најпрво се става во чинија, а потоа се прелева со 5-6 лажици од водата во тенџерето. Со лажица маталка, содржината убаво се промешува додека грутките сосема не се разбијат и не се добие изедначена смеса, а потоа се враќа во тенџерето.

На крајот се зачинува со рендан ѓумбир.

Бидејќи, мисото содржи живи ензими, кои се многу корисни за цревната флора, многу е важно истото да се додаде во супата на крајот, откако тенџерето ќе го тргнеме од шпоретот, а водата ќе се подолади и ќе престане да врие. Загреани на температура на вриење на водата, ензимите би биле уништени.  Затоа и мисо супата треба да се сервира свежа и да не се подгрева.

Фото: Pixabey