Агенција за храна: Оризот во Македонија е безбеден

Во подпрограмата за следење на ГМО храна, минатата година се анализирани и 80 мостри од соја, пченка и од ориз, при што не е добиена ниту една позитивна мостра.

0
245

По предупредувачките написи во некои наши медиуми дека на македонскиот пазар пристигнал пластичен ориз од Кина, побаравме информација од Агенцијата за храна и ветеринарство од кадешто велат дека Агенцијата нема добиено информации преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија за небезбедна пратка со ориз по потекло од Кина.

„Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини, вклучително и на пратките со ориз и преработки од ориз. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, задолжително се врши и физички преглед на пратките, а се земаат и мостри за вршење на лабораториско испитување.

Кај ниту една пратка со ориз од увезените 274.5 тони во 2016 година и увезените 97,2 тони ориз годинава, инспекциските служби  на Агенцијата за храна и ветеринарство, не констатирале отстапување во безбедносните критериуми.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство покрај контролите на увозот, вршат и инспекциски контроли на домашниот пазар со овој прехранбен производ, а контроли се спроведуваат и во специјализираните објекти за преработка на ориз и производство на оризова арпа. Минатата година покрај во прометот, извршени се и контроли на 25 објекти специјализирани за производство на оризова арпа, при што не се евидентирани отстапувања.

Во Програмата за мониторирање на безбедноста на храната која од 2012 година ја реализира Агенција за храна и ветеринарство, во подпрограмата за следење на ГМО храна, минатата година се анализирани и 80 мостри од соја, пченка и од ориз, при што не е добиена ниту една позитивна мостра“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here