Австралијанец со македонско потекло стана амбасадор на Џејми Оливер за Австралија

„Едвај чекам да го научам Џејми како се прави тавче-гравче. Тој многу ја сака италијанската кујна, но сѐ уште не ја запознал македонската“, вели Џорџ (Гоце) Георгиевски, кој подготвувајќи со голема татковска љубов здрави, вкусни и креативни оброци за своите  две „чупиња“, стана познат ширум Австралија, во Нов Зеланд и Европа.

0
2076

Џорџ, или како што го викаат неговите Македонци, Гоце Геoргиевски, е роден во Австралија, кадешто неговите родители дошле во далечната 1968.година. За него, како впрочем и целиот свет,  дознавме преку неговиот блог Schoollunch box, како и преку неговите профили на Инстаграм и Фејсбук кадешто сега има повеќе од 100 илјади следбеници од целиот свет.

Неодамна тој потпиша договор и официјално стана амбасадор на Џејми Оливер, во Австралија и Нов Зеланд.

Тоа значи дека ќе го претставува секаде кадешто ќе ги подготвува неговите нови рецепти и ќе ја шири неговата филозофија која е и негова и со која и го привлече неговото внимание, а тоа е, похранлива, поздрава и повкусна исхрана за децата ширум светот, во нивните домови и во училиштата.

Џорџ е познат и како „Lunchbox dad“ и е вистински експерт за креирање на возбудливи, нутритивни и убави на око оброци за неговите две ќерки, или како што тој ги вика „чупиња“, секое утро.

Семејството Георгиевски: Марина, Џорџ, неговата мајка Елица, сестрата Сузи и „чупињата“ Анела и Киара

„Јас сум само обичен татко и почнав да подготвувам здрави и интересни оброци со многу љубов за своите чупиња, но спонтано и непланирано тоа толку многу се прошири и јас и мојот блог станавме популарни ширум Австралија, Нов Зеланд, а потоа и во Европа, почнаа да ме викаат по училиштата, кадешто правам презентации и ги обучувам родителите како да им подготвуваат здрави оброци на своите деца. И не сакајќи, само поради мојата татковска љубов и посветеност, станав познат, па мојот распоред стана толку пренатрупан што морав да го затворам мојот бизнис и да се посветам само на готвењето и на мојата мисија, сите деца ширум светот да добијат поздрави, похранливи и поубави оброци. Веќе две години се расправам со овдешната влада за да се сменат оброците за децата во училиштата и можам да кажам дека дури сега почнаа да ме слушаат и да ги имплементираат моите барања и настојувања. Поради ова го добив и вниманието на Џејми Оливер чии луѓе ми се јавија, па ете сега е најново тоа што потпишавме договор да бидам негов претставник-амбасадор за Австралија. Во меѓувреме се стекнав со 100 илјади следбеници, но по малку ми е страв затоа што забележувам дека меѓу нив има многу малку мажи, поточно, дури 95 отсто од нив се жени“, се смее нашиот соговорник.

Следната недела тој оди во Нов Зеланд, а потоа и во Италија и Франција, а веќе на 1 јули излегува од печат и неговата прва книга со рецепти која ќе може да се набави од било кое место на светот преку Амазон, со оглед на тоа што издавач е MACMILLAN, една од најпознатите издавачки куќи во Велика Британија.

„Македонија ми е секогаш во срцето“

„За неколку месеци ќе се сретнам и со Џејми Оливер па ќе готвиме заедно, а јас едвај чекам да го запознаам со македонската кујна и да го научам да прави тавче-гравче. Тој многу ја сака италијанската кујна и е многу често во Италија, но сѐ уште не ја запознал македонската култура. Мој сон е еден ден заедно да дојдеме и во Македонија“, признава Џорџ.

Во меѓувреме, тој е постојано во медиумите, во весниците, на ТВ, на социјалните мрежи, а неговата слава сѐ повеќе расте.

Сопругата на Џорџ, Марина Георгиевски, е светски шампион во фитнес

Семејството се радува на неговите успеси и сите заедно уживаат во тоа што им се случува. Иако, како што вели, и неговата сопруга Марина, која е исто така родена во Австралија, но е по потекло од Охрид, е позната во една друга област, односно, таа е светски шампион во фитнес.

Видеото кое беше направено во неговиот дом од австралиската телевизија Sunrise пред 2 недели, имаше 200 000 прегледи на фејсбук.

Lunchbox dad

This Melbourne dad is an expert at creating exciting, nutritious and eye-popping school lunches for his two daughters each morning! ??

Sunrise 发布于 2019年1月26日周六