Бадеми – висококалорична храна која е добра за вашето здравје!

Бланширање на бадемите не се препорачува зашто така им се отстранува лушпата која е доста хранлива.

0
1962

Висококалорична храна која е добра за вашето здравје? Тоа се бадемите. Богати се со мононезаситени масти, какви што има во маслиновото масло, кои се поврзани со намалување на ризикот од срцеви заболувања.

За среќа, вкусните и миризливи бадеми се достапни во текот на целата година за да им дадат посебен вкус на јадењата. Бадемите се најсвежи во средината на летото, кога е сезоната за берба. Дрвото има миризливи лила и бели цветови, а бадемот е негов плод. Роднини му се праската, црешата и кајсијата.

Бадемите се античка храна, кои се споменуваат во Библијата. Потекнуваат од Западна Азија и од Северна Африка. Римјаните ги нарекувале „грчко зрно“. Денес растат во многу земји околу Средоземното Море, меѓу кои и Шпанија, Италија, Португалија, Мароко, како и Калифорнија, каде ги донеле Шпанците. По нивното заминување од Америка, било забрането да се одгледуваат бадемите во Калифорнија. Повторно почнале да се одгледуваат во Америка во 19 век.

Има слатки (Prunus amygdalu var. dulcis) и горчливи бадеми (Prunus amygdalu var. amara). Слатките бадеми се јадат, а од горчливите се прави бадемово масло кое се користи како ароматизер во храната и во ликерите како што е Амарето. Инаку не се јадат, зашто содржат отровни супстанци како цијановодородна киселина. Тие состојки се отстрануваат при производството на бадемовото масло.

Бадемот содржи витамин Е, манган, бакар, витамин Б2, фосфор, магнезиум, молибден, калиум, влакна.

За што се корисни?

Бадемите се корисни за намалување на ризикот од срцеви болести и за одржување на ЛДЛ холестеролот.

Магнезиумот помага вените и артериите да бидат опуштени и да овозможат и да го подобрат текот на крвта, кислородот и хранливите материи.

Калиумот е важен за нервната трансмисија и контракцијата на мускулите, вклучително и на срцето. Бадемот овозможува двојна заштита од дијабетес и кардиоваскуларни болести. Го намалува кревањето на шеќерот во крвта по оброкот и овозможува антиоксидансите да ги исчистат малите количества слободни радикали.

Јадењето бадеми го намалува гликемискиот индекс (ГИ) на оброкот – колку повеќе бадеми толку помал ГИ и шеќер во крвта по оброкот.

Затоа, советуваме да не јадете бадеми само помеѓу оброци, туку ставете малку путер од бадеми врз тостирано лепче или во целер. Ставете една рака потпечени бадеми во салатата или исечкајте ги и ставете ги во тестенини или во обарени зеленчуци. Ако јадете храна со висок гликемиски индекс и при тоа внесувате бадеми во оброкот, тоа ќе ви помогне да го држите под контрола нивото на шеќерот во крвта.

Се препорачува да се јаде целиот бадем сосе лушпата. Во неа се наоѓаат флавонидите. Дваесет можни антиоксиданси се откриени во лушпата на бадемите.

Јадењето бадеми го намалува ризикот од дебелеење. Бадемите се многу добар извор на манган и бакар. Превенираат и појава на камен во жолчка.

Бадемите се меѓу малиот број храна, која содржи оксалати, супстанци кои природно ги има во растенијата, животните и кај луѓето. Кога оксалатите ќе станат пресконцентрирани во телесните течности, може да кристализираат и да предизвикаат здравствени проблеми. Поради тоа, луѓето кои имаат проблеми со бубрезите или со жолчката треба да избегнуваат да јадат бадеми. Лабораториските испитувања покажале дека оксалатите може да ја попречат апсорпцијата на калциумот во телото.

Како да се чуваат?

Бадемите кои се во нивната коска траат подолго. Купувајте бадеми кои имаат иста форма и боја и мирисаат слатко и на зрна. Ако имаат кисел или горчлив мирис, тие се ужегнати, нив избегнувајте ги.

Треба да се чуваат во добро затворен сад, на суво место и далеку од сончева светлина. Ако се чуваат во фрижидер ќе останат неколку месеци, а ако бидат замрзнати може да се чуваат до една година.

Бадемите може да се јадат свежи и да се додаваат во салати и пецива, наместо брашно.
Ако сакате да ги потпечете во рерна, се печат на 160-170 степени, 15-20 минути за да ги зачуваат здравите масла во нив.

Бланширање на бадемите не се препорачува зашто така им се отстранува лушпата која е доста хранлива.

Совети за консумирање:
– Ставете сечкани бадеми и суво овошје во јогурт.
– Ставете сечкани бадеми во зеленчук.
– Ставете путер од бадеми во утрински шејк.
– Парчиња бадеми и јаболко се чудесен оброк од нога.
– Направете студена салата од ориз со бадеми, свеж грашок и рибизли.
– Додадете сечкани бадеми во салата од пилешко.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here