Бармените како психолози

Ѓорѓи Симјановски е вљубен е во својата работа, но и во својата сопруга која ја запознал токму како бармен – му нарачала две текили и неговиот телефонски број. Таа е и единствената која го добила во текот на неговата барменска кариера.

0
146

Нашиот соговорник работи како бармен веќе 10 години и е победник на првиот државен натпревар за бармени во Македонија, а на овој јубилеен 10.натпревар што се одржува денеска во хотел „Мериот“ е претставник од ресторанот „Дистрикт“. Токму како бармен во тогаш актуелниот ноќен клуб „Кастро“ ја запознал својата сопруга и вели дека таа е единствената девојка на која било кога како бармен и го дал својот број. Се смета себеси за добар психолог, па често знае да го прочита расположението на гостите, да се впушти во разговор со нив, да ги сослуша и да им помогне. Се разбира, притоа прави и одлични коктели.

Кој беше коктелот со кој пред 10 години ја освоивте титулата за најдобар бармен?

Во тој период јас бев почетник, но можеби заради начинот на кој го презентирав мојот коктел, можеби заради неговиот вкус и изглед, ја освоив титулата. На секое првенство секој учесник се натпреварува со своја оригинална рецептура која како што е случај и кај модните дизајнери, е негова лична креација на која става свој потпис. Мојот победнички коктел тогаш се викаше „Paradise taste“, а беше составен од „Малибу“, сируп од ванила, ликер од ванила и малку сок од ананас, кои ги измешав во шејкер, го ставив коктелот во чаша и додадов спрајт и гранадин. Се разбира, драго ми е што победив, иако повторно ќе кажам, бев почетник.

Ова е професија со која се занимавате сериозно или е само привремено решение?

Јас со вистинска љубов и енергичност и пристапувам на оваа професија и навистина ја сакам работата. Токму за да им покаже на сите кои се занимаваат со оваа работа дека е тоа професија како и секоја друга, и дека како таква се третира во светот, во која може да се напредува и да се учи, здружението на бармени на Македонија и започна со организирањето на овие натрпревари. Јас ја сакам оваа работа и мислам дека бармените се еден вид на психолози на кои често луѓето им се отвораат и кои знаат да ги прочитаат гостите според нивната фацијална експресија, дали се тажни, среќни, вљубени или несреќни. Затоа и доколку некој не се наоѓа себеси во оваа работа, доколку не е подготвен да ги анимира гостите и да ги слушне нивните проблеми, советувам воопшто да не влегува во оваа професија. Луѓето често знаат да дојдат на бар, да си ги кажат проблемите, така им олеснува, а освен тоа и коктелите знаат да ги расположат, па доколку не се наоѓав во ова, сигурно немаше да продолжам со оваа работа

Дали знаете да процените на кого што му треба според расположението и имате ли некоја интересна случка од вашиот бар?

Како и во сите професии, и во нашата, треба постојана едукација, но освен стручна литература, во оваа работа ние сме тесно поврзани со односот со луѓето, со она што се вика комуникација „face to face“.
Можам да го прочитам расположението на гостинот според изразот на лицето, затоа што тој кажува се. Сум имал многу интересни случки но најновата е од пред еден месец. На барот во ресторанот дојде една двојка, пиеја коктели во барот и во еден момент девојката отиде во тоалет, а дечкото ми довери дека сака да ја побара за жена, дека има прстен во џебот, но нема никаква идеја како да го направи тоа за да биде нешто посебно. Ме праша за совет и јас му кажав да остави се на нас. Нема да навлегувам во детали, но можам да кажам дека се излезе одлично, а беше организирано од мене и од персоналот во ресторанот. Сепак, ќе ја споделам со вас само оваа убава случка, иако сум имал многу интересни случки во текот на мојата кариера како бармен, но останатите, како и психолозите, ќе ги зачувам за себе.

Tочно ли е дека бармените имаат интересни ситуации особено кога станува збор за девојки?

Па да, ете јас ја запознав мојата сопруга токму како бармен. Тогаш работев во ноќниот клуб „Кастро“. Ја забележав кога дојде затоа што клубот беше се уште полупразен, тукушто почна со работа некаде после полноќ. Во 3 и 30 таа се појави на шанкот и ми побара две текили и мојот телефонски број. Бидејќи често имаме допир со алкохолизирани луѓе, сакав да ја истестирам па и кажав: 070 223-305, на што таа веднаш ми одговори: „те чекам драга јави се“. Ако се сеќавате, тоа една песна од Драган Мијалковски…Ме купи со својот одговор и се разбора, и го дадов мојот вистински број. Таа е и единствена девојка на која сум и го дал телефонскиот број во текот на целиот период на моето работење како бармен.

Дали ви се случуваат вакви работи се уште?

Бармените се навистина во центарот на вниманието, но и тие, како и сите професионалци и имаат работно време. Можете на секој да му направите да му е убаво, но до 1 часот, а доколку некој сака да го продолжи контактот, обично им велам: „небото нема граници, но јас имам“.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here