Битолска млекара со голема донација го одбележа Светскиот ден на млекото

Во чест на 1.јуни, светскиот ден на млекото повеќе од 200 загрозени семејства добија пакети со Битолско млеко

0
33

Во пресрет на Светскиот ден на млекото, кој секоја година се одбележува на 1 јуни, Битолска млекара реализираше голема донација за повеќе од 200 загрозени семејства од повеќе градови од земјата.

Донацијата беше реализирана во партнерство со здружението на граѓани „Вистински дела на љубезност“, кое уште од 2013 година работи исклучиво за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и за поединци преку имплементација на голем број активности и проекти за доброволно дарување храна, обезбедување секаков вид материјална поддршка, давање поддршка при вработување итн.

Преку оваа соработка и преку мрежата на волонтери на здружението, Бимилк успеа да допре до над 1.000 загрозени лица, донирајќи им пакети Битолско млеко директно во нивните домови.

„Одбележувањето на Светскиот ден на млекото е повеќегодишна традиција за нашата компанија, и тоа токму во насока на давање помош и поддршка за повеќе организации и здруженија, водејќи сметка за доброто здравје на сите социјално ранливи категории. Оваа година се одлучивме да се солидаризираме со можеби и најзагрозената категорија граѓани и, искрено, се надевам дека нашата помош е во вистинскиот миг за овие семејства, а ние сме уште посреќни доколку успеавме барем малку да им го направиме денот поубав“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк.

„Навистина радува фактот што компаниите сè повеќе се вклучуваат во нашите хуманитарни акции, а уште повеќе што Битолска млекара на комплетно сопствена иницијатива одлучи да ја даде својата солидарност кон овие загрозени семејства. Ние, како здружение, сме во континуирана комуникација со семејствата и свесни сме за неповолната ситуација во која се наоѓаат, така што навистина нè израдува овој несебичен гест на Бимилк и во нив препознавме вистински достоен партнер што искрено ја живее својата општествено одговорна мисија“, рече Тони Станковски, Претседател на здружението на граѓани „Вистински дела на љубезност“.

Инаку, покрај директната донација за загрозените семејства, Бимилк утре ќе се вклучи и во редовната активност на „Љубезност“ за делење оброци за бездомни лица, која се одржува секоја сабота пред Музејот на Мајка Тереза во Скопје, со обезбедување пакети Битолско млеко и за овие лица.