Чварки како суво злато

И чварките како и свинската маст се дел од нашата кулинарска традиција, на кои им се вративме последниве години, но наместо да бидат повторно вообичаен дел од семејното мени, станаа деликатес кој се мери на грамови, баш како злато.

0
882

Чварките можат да се јадат во текот на цела година но сепак се сметаат за зимска храна која обично се подготвува во овој период. Иако некогаш важеа како храна за посиромашните, денеска се токму спротивното и се продаваат како суво злато. На пример, 1 килограм чини околу 550-600 денари па најчесто се купуваат по 150-200 грама, колку за иштаф. Многумина ќе се сложат дека многу од тие што се продаваат во месарниците и маркетите не се ниту близу до она што беа порано домашните чварки, па доколку сте љубител, не би преостанува друго освен да си ги направите сами.

Чварките се подготвуваат од свинското сало и од сланината која не е искористена за одредени суви производи. Сепак, повеќето луѓе ја користат само сланината затоа што салото може да има и непријатен мирис.

Најпрвин треба материјалот од кој ќе ги правите, сеедно дали станува збор за сланина или за сало, или за нивна комбинација (со тоа што салото се топи побрзо од сланината па добро е тоа да се прави одвоено), треба да се исече на еднакви помали коцки (3цм).

Потоа тие се ставаат во длабок сад (не смее да се наполни до врвот) па се додава вода (околу 1 шолја на неколку килограми).

Температурата не смее да биде премногу висока, а садот мора да биде без капак затоа што треба постојано да се мешаат.

Кога сланината малку ќе омекне, се додава 1 дцл млеко.

Ако сакате посолени чварки, додадете сол по желба.

Чварките се готови кога ќе добијат кафеавкаста боја и ќе испливаат на површината. Исцедете ги и уживајте.

Ако сакате можете и да ги исцедите повеќе такашто ќе ги стиснете во цедилка.

Чварките можат да се јадат со малку леб и со лукче, а можете да ги ставите и како прелив за јуфки.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here