Дали сте за пиво? Пиво со аронија?

После пивото со вкус на ѓумбир, јагода, тиква, светлите, темни и црвени пива, првата и засега единствена крафт пивара во Македонија извади уште еден нов вкус – пиво со аронија. И тоа, вели Пане Темов, сопственик на Пиварата, свежа аронија.

0
207

Пивото е најстар и најчесто консумиран алкохолен пијалок во светот и трет по популарност, веднаш по водата и чајот.

Независно од тоа на кој крај од светот се наоѓате, ако сте одлучиле да седнете и да се напиете чаша пиво, треба да знаете дека тоа се прави од истите намирници – житарки, најчесто слад од јачмен, пивски квасец, вода и хмељ, кој му дава вкус и делува како природен конзерванс.

Сѐ поголема популарност последните години добиваат крафт пивата, пивата со овошна арома и пивата без глутен.

Токму едно такво, со овошен вкус, поточно со аронија, е и најновиот успешен експеримент на Пане Темов.

Пред една деценија во Старата скопска чаршија тој ја отвори „Пивница Стар Град“ со идеја еден ден да почне и со производство на пиво. Идејата на Темов била тука да се произведува пиво по примерот на малите крафт пиварници во западна Европа, значи, не пиво за масовна употреба, туку за вљубеници во пивото кои ја разбираат пивската култура.

Денеска пиварата „Темов“, прва и за жал единствена крафт пивара во Македонија, произведува 17 различни Пилснер, АЛЕ и пченични пива, од најсветли до најтемни, по свои уникатни рецепти, а оригиналните и иновативни вкусови се освежување за сите љубители на пивото.

Стратегијата на малата пивара е постепено да воведува нови вкусови, а тоа го прави и во зависност сезонските производи. На пример, кога е време за тикви, се прави пиво со тиква, кога е време за јагоди – со јагоди, а сега е очигледно време за аронија и тие за првпат го направија и овој нов вкус, пивото со аронија.

Во основа, пивата Темов се прават од 4 основни состојки, јачмен, хмељ, квасец и вода, без додадени шеќери, бои и конзерванси.

Најновиот вкус на пивара „Темов“ – пивото со аронија е нешто сосема ново и поинакво, кое не се прави во многу, а можеби и воопшто не се прави во други пивари во светот.

Спојот на врвното крафт пиво со свежите плодови аронија има специфичен вкус со препознатливата трпка нота која ја дава аронијата.

Благодарение на тоа што во пивото се ставаат здрави состојки каква што е свежата аронија која содржи антиоксиданси  и состојки кои позитивно влијаат на организмот и ефикасно го чистат од штетни материи и тешки метали, и затоа се корисна превентива против малигни заболувања, и тоа има нешто од овие особини.

А Темов не запира со испробувањето на новите вкусови и станува препознатлив токму по своите пива со здрави состојки.

Пивото со аронија има малку забележлива бледо розева нијанса, овошна нота и специфичната трпкост на аронијата која во овој производ успешно заменила дел од хмељот.

Сите кои сакаат крафт пива сега имаат уште едно ново кое мораат да го испробаат.