Диетални намирници кои всушност дебелеат

Дури и природните засладувачи кои се сметаат за здрави, можат да придонесат за зголемување на телесната тежина. Исто како и намирниците со намален процент на масти и други купечки диетални напитоци

0
652

Речиси 39 отсто од популацијата се сметаат за дебели поради што индустријата за диетална исхрана секојдневно расте. Диеталните намирници, особено оние означени како „нискокалорични“ и со „низок процент на масти“ се особено популарни кај лицата кои страдаат од прекумерна телесна тежина како и кај оние кои внимаваат на линијата. Меѓутоа, многу диетални намирници можат на вашиот изглед да му сторат повеќе штета отколку корист.

Во продолжение е списокот на диетални намирници кои често се сметаат за здрави и диетални, а кои всушност можат да предизвикаат дебелеење.

Смути и протеински шејкови

И додека некои од нив се хранливи и исклучително здрави, останатите се преполни со шеќер и со непотребни калории. На пример, повеќето од овие готови напитоци содржат и до 50 г шеќер само во едно шише од 500 мл. Одредени протеински напитоци содржат речиси 400 калории по шише. И додека вие мислите дека со консумирањето на овие напитоци губите килограми, всушност непотребно трупате калории и шеќер во вашиот организам.

Заблажени јогурти со низок процент на масти

Маста е нутриент кој служи и како засилувач на вкусот на храната. Доколку таа се отстрани за да се намали содржината на калории, на одредени производи обично им се додава шеќер за да се засили вкусот. Многу јогурти со ниска содржина на масти содржат додадени шеќери, поради што не се препорачува нивно консумирање ако сакате да изгубите вишок на килограми.

Интерсен е фактот дека млечните производи со поголем процент на масти можат да бидат подобар избор од млечните производи со низок процент на масти. Студијата спроведена на повеќе од 8.000 жени покажала дека групата која консумирала полномасни млечни производи добила помалку килограми во однос на оние кои консумирале нискокалорични производи.

Алтернативни засладувачи

Многу од нас го исфрлаат белиот шеќер од исхраната заменувајќи го со алтернативни засладувачи како што се кокосовиот шеќер или агава сирупот. Иако овие производи се сметаат за здрави, претерувањето со било кој засладувач, дури и со оние природните може да придонесе за зголемување на телесната тежина.

На пример, агава засладувачот содржи повеќе калории од белиот шеќер и е екстремно богат со фруктоза, шеќер кој може да придонесе за зголемување на чувствителноста на инсулин и таложење масти во организмот. Бидејќи било кој вид на додаден шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, важно е да се ограничи вкупната потрошувачка на шеќер, вклучувајќи ги и алтернативните засладувачи.

Нискокалорични житарки

Кога сакаме да ослабнеме повеќето од нас посегаме по нискокалорични житарки за појадок. Иако се сметаат за нискокалорични, често им се додаваат шеќери. Освен тоа, на многу нискокалорични житарки често им недостасуваат протеини и здрави масти кои се неопходни за здрава и балансирана диета.

Студијата спроведена на 30 мажи покажала дека појадокот кој вклучува јајца и тост обезбедува подолготрајно чувство на ситост во текот на денот во однос на она кај оние кои за појадок консумирале житарки.

Фото: Pixabey