ЕУ им кажа збогум на пластичните сламки и чинии

Европската унија постигна договор за забрана за користењето на пластика за еднократна употреба

0
222

Европската унија постигна договор за забрана за користење на пластика за еднократна употреба, како што се пластичните чаши и сламките, објавило австриското претседателство.

Сојузната австриска министерка за одржливост и туризам, Елизабет Кестинџер напишала на Твитер дека е постигнат овој договор опишувајќи го како „пресврт во нашите напори да го намалиме пластичниот отпад“.

Рамковниот договор треба официјално да го потврдат земјите членки на ЕУ и парламентот на ЕУ и се очекува да стапи на сила за две години.

Во мај Европската комисија предложи забрана на низа пластични производи за еднократна употреба за кои постојат алтернативи кои не се од пластика истовремено намалувајќи го користењето на предмети какви што се еднократните пластични садови за храна.

Повеќе од 80 отсто од отпадот во морињата го сочинува пластика, навела тогаш комисијата.

Пластичниот отпад е посебен проблем во светските мориња, затоа што се разградува бавно и негови траги често можат да се најдат во животинските видови како желките, китовите или птиците, како и во плодовите на морето со кои се хранат луѓето.

Фото: Pixabey