Европскиот парламент апелира да се пие помалку флаширана вода

Граѓаните треба да се поттикнуваат на поголемо користење вода од славина заради нејзината цена и еколошката прифатливост, сметаат европските парламентарци и предлагаат вградување фонтани со бесплатна вода на јавни места. Дали вие пиете флаширана или вода од славина?

0
117

За време на едно патување во Италија пред неколку месеци, се сеќавам дека мене и на моите пријателки голем проблем ни беше водата. Имено, навикнати на нашите добри навики, со кафето да добиваме и чаша вода, таму се соочивме со два прста вода која некаде ја добивавме, а некаде не. И генерално, беше проблем да се добие обична вода од славина.

Затоа пријатно не изненади веста дека европскиот парламент ги поттикнува граѓаните на поголемо користење на вода од славина, наспроти онаа од шишиња за која апелира да се користи што помалку.

„Луѓето мора да знаат дека водата од славина чини илјадници пати помалку од купечката“.

Деновиве, европкиот парламент усвоил ревидиран предлог на Директивата за квалитетот на водата за потрошувачка на луѓето со која би се заостриле лимитите на дозволените загадувачи како оловото, ендокрините дисруптори и други штетни материи со цел да се пообри квалитетот на водата од славина, а на тој начин да се зголеми и нејзиното користење помеѓу граѓаните на ЕУ.

Би се надгледувало и нивото на микропластика затоа што одделни истражувања покажале дека е микропластика присутна во две третини од примероците на вода од водоводите во европските земји. Со подобрување на квалитетот на водата и враќањето на довербата на потрошувачите во питката вода од славина, би се намалило користењето на вода од шишиња, со што граѓаните на ЕУ би заштедиле пари, би ја намалиле емисијата на CO2 и количината на пластичниот отпад, укажува Европскиот парламент.

„Граѓаните мораат да знаат дека водата од славина ги чини илјадници пати помалку од водата што ја купуваат во шишиња, во која, изгледа, некои од нив имаат апсолутна доверба“, рекол на пленарната седница минатата недела известувачот на Одборот за околината, јавното здравје и безбедноста на храна Мајкл Дантин.

Пристапот кон поквалитетна вода од славина би требало да го намали користењето на пластични шишиња за околу 17 отсто. Во ЕУ годишнп по лице се трошат 106 литри вода од шишиња, додека литар вода од славина чини околу 0.002 евра со чие користење домаќинствата во Европа би заштедиле повеќе од 600 милиони евра годишно.

Со новиот предлог на Комисијата би се заостриле параметрите за проверка на квалитетот на водата кои не се темелно ревидирани од 1998.година. Европската канцеларија на Светската здравствена организација составила препораки за вредностите на параметрите, но Комисијата во неколку параметри донела построги рамки врз основа на начелото на претпазливост, со што дополнителните контроли би можеле да предизвикаат зголемување на цента на водата.

Директивата за квалитетот на водата наменета за потрошувачка на луѓето содржи и дел со кој се повикуваат институциите на ЕУ да ги зголемат напорите во реализирањето на универзален пристап кон водата.

Повеќето граѓани во ЕУ имаат пристап до висококвалитетна вода за пиење, што го потврдува извештајот на европската агенција за средината (2016.) по кој повеќе од 98.5 отсто од анализите спроведени на примероците на вода за пиење во период од 2011. до 2013. ги исполнувале европските стандарди.

Државите членки со оглед на резолуцијата на парламентот и барањата на европската граѓанска иницијатива Right2Water (Водата: човеково право), треба да го подобрат пристапот до квалитетна вода до ранливите и маргинализирани групи, меѓу останатото и со поставување фонтани со бесплатна питка вода во градовите и на јавните места, со обезбедување бесплатна питка вода во јавните згради и со поттикнување на давањето вода во угостителството, бесплатно или по ниски цени, бара Европскиот парламент.

Фото: Pixabey