Готвачот Марио нема поим од готвење, но затоа актерот Васил е вистински виртуоз

Знаевме дека е одличен актер чија голема љубов се музиката и танцот, но не знаевме дека е и одличен готвач. Иако и двајцата се вегетаријанци, за разлика од Марио, ликот што го игра во серијата „Преспав“, Зафирчев сака и умее да готви сѐ, од пинџур и пасти до кинески пролетни ролнички и јапонско суши.

0
644

Васил Зафирчев е постојано ангажиран во матичниот театар „Јордан Х.К-Џинот“ од Велес, но и на театарските сцени надвор од државата и на бројни фестивали на кои освојува награди.

Па така, до крајот на јули интензивно работел на најновата продукција на неговиот матичен Велешки театар, комедијата „Одам на лов“ од Жорж Фејдо, во режија на Деан Дамјановски, во која ја толкува улогата на Морис и чија премиера се очекува кон средината на септември.

Со претставата за деца „Црвенкапа“ настапил на Македонското културно лето во Албанија, кадешто ја добил наградата за најдобар актер за улогата на Волкот, а на почетокот на август, со претставата „Шумата на моето дрво“ учествувал и на фестивалот „Баштеатар“ во Крагујевац, Србија.

Во меѓувреме, актуелен е кај пошироката јавност со улогата на готвачот Марио во серијата „Преспав“ која предизвика вистинска еуфорија, и кај децата и кај возрасните бидејќи, како што вели Васил, „успеа да ја обедини целата фамилија пред малите екрани“.

За реакциите вели дека се фантастични и дека луѓето уживаат во „Преспав“ и го сакаат ликот на Марио.

„Честопати имаат потреба да ми пријдат, да го споделат тоа со мене и да побараат автограм и фотографија. Тука се и многуте пораки и честитки кои ги добивам на моите профили на социјалните мрежи. Со еден збор, публиката се идентификува со „Преспав“, а за нас актерите нема поголема награда и признание од тоа.

Но, за разлика од ликот на Марио, Васил одлично се снаоѓа во кујната и ужива да готви, и за себе и за најблиските, и тоа го прави секојдневно. Покрај традиционалната кујна, успешно ги владее и рецептите од италијанската и француската кујна, а во последните неколку години со големо задоволство ја истражува азиската кујна.

Како и Марио, и тој е вегетаријанец.

„Веќе 6 години сум вегетаријанец и не консумирам месо и риба. Не користам бел шеќер и индустриски производи кои содржат вештачки засладувачи, емулгатори и конзерванси. Наутро јадам само свежо овошје или блендирано, во комбинација со растителни млека, житарки богати со протеини и јаткасти плодови. Потоа имам уште два оброка во текот на денот, ручек богат со зеленчук, житарки и мешунки и лесна вечера. Помеѓу оброците консумирам и големи количини на вода и растителни чаеви“, вели Васил.
На своите пријатели и гости со задоволство сака да им презентира и рецепти од веганската и вегетаријанската кујна. Тие пак, најчесто ги претпочитаат неговите салати и дресинзи, крем супите од зеленчук, италијанската паста, веганските слатки, кинеските пролетни ролнички и јапонското суши.

Зготвено од Васил Зафирчев

На сите свои гости од странство секогаш им подготвува и по некој од традиционалните специјалитети на македонската кујна.

За Васил храната има пред сѐ, духовно, ритуално значење. Иако е хедонист по природа секогаш отворен за нови вкусови, во исхраната се води од принципот на умереност и од максимата дека ние сме всушност она што го јадеме. Посебно внимание секогаш посветува на свежиот избор на намирници и нивното правилно комбинирање, а особено на времето за подготовка и консумација на храната.

Токму ова, покрај брзиот метаболизам и добрата генетска предиспозиција, е и причина за неговата идеална телесна тежина. Освен на здравата исхрана и високиот внес на течности, ова се должи и на секојдневната психо-физичка активност преку практикувањето на јога и медитација.

Со оглед на тоа што потребата за промени во телесната тежина е позразена во филмските, отколку во театарските ангажмани, тој.досега само во еден случај имало потреба да ослабне поради улога. Станува збор за улогата на Ира во филмот „Соба со пијано“ за која требало да изгуби неколку килограми.

„За мене е предизвик секоја улога и во име на тоа би ја прифатил секоја промена која тој ангажман ја подразбира“, вели Васил.

Иако за вкусовите не треба да се расправа, ние го прашавме за неговите вкусови и за тоа како тие се менувале низ годините.

„Вкусовите се менуваат преку личниот раст и развој, но најмногу преку процесот на себеспознание. Во дефинирањето на личниот вкус кон храната, важен предуслов е отвореноста кон консумирање и експериментирање со различни вкусови и влијанија кои произлегуваат од различни кујни и традиции. Како мал ги обожував пинџурот и варивата на баба ми, во целодневниот престој на училиште најмногу го сакав гравчето со зелка салата кое беше на мени секој петок, како тинејџер омилено јадење ми беше тиквичка со ориз, како студент пак на секое враќање во Велес со нетрпение ја очекував тавата спанаќ на мајка ми.

Денеска најмногу уживам во азиската кујна и нејзините вкусови.

Таа за мене го има совршениот баланс“, објаснува тој и додава дека никогаш не бил голем љубител на традиционалните слатки, пред сѐ, заради енормните количини шеќер што ги содржат.

Затоа и ретко ги консумира, а уште поретко ги приготвува. Како нивна замена приготвува вегански и вегетаријански рецепти на слатки, кои се пред сѐ, здрави и имаат фантастичен вкус.

Иако роден Велешанец, поради својот вегетаријански начин на исхрана, одамна не ја консумира, сепак добро го познава оригиналниот рецепт, како и марифетот за нејзино успешно приготвување.

На патувањата во странство сака да ја открива традиционалната кујна на локалното население. Од сите досегашни патувања, најголемо откритие му била јужнокорејската кујна која, како што вели, има автентична и неповторлива сетилна сензација на вкусови.

Од колегите актери, за кои потенцира дека се во принцип големи гурмани, од повеќето колеги кај кои имал прилика да уживам во нивните готвачки вештини, сепак би ја издвоил Олгица Христовска Кошутиќ која „е неверојатно вешта домаќинка во кујната“.
На почетокот од следниот месец (септември), Зафирчев го очекува водењето на музичкиот фестивал „Охридски трубадури“, а кон крајот на септември и снимањето на новата, 4. сезона на „Преспав“. Секако, и ангажманот во повеќе претстави од редовниот репертоар на театарот во Велес.