Грев е да се фрла храна, а сепак… Нема веќе, паднало лепчето, дувни го и јади!

Фото: Freepik
192

Од секогаш имало луѓе кои се расфрлаат со храна, иако од секогаш имало и луѓе кои гладуваат. Сепак, се чини дека денеска се фрла храна повеќе од кога било додека истовремено, според проценките на ФАО, дури 3,1 милијарди луѓе ширум светот немаат пристап до здрава храна, а околу 828 милиони луѓе гладуваат.

Грев е да се фрли храна, тоа е реченица која ние често ја слушавме кога бевме деца додека седевме пред полната чинија со манџа од боранија. Ако порано некому му паднеше лепчето, постарите велеле само: не се фрла леб, дувни и јади. Ако нешто и се „фрлело“, на село завршувалоо како храна за животните, а во градовите во садовите на мачките и кучињата.

Времето во кое живееме донесе нови навики. Попрво би фрлиле нешто отколку да се здебелиме, децата не треба да се тераат да јадат сѐ бидејќи подоцна ќе имаат проблеми со исхраната, а мачките и кучињата си имаат своја храна.

Колку пати сте фрлиле леб, сирење, месо, овошје, зеленчук од фрижидер затоа што мувлосале или им поминал рокот? Колку пати сте фрлиле кора од компири или јаболка во мешан отпад наместо во компост? Колку пати чорбата од боранија завршила во тоалетната шолја?

И не се работи само за фрлање храна, туку и за сите оние ресурси што биле потребни за нејзино производство – секоја капка вода што се користела за наводнување, секој киловат час електрична енергија што се користел за загревање на пластениците, секое зрно ѓубриво што го стимулирало растот на растенијата, секој денар што бил вложен во маркетинг и секој наведнат грб што плевел копал, берел.
Дополнително, овој отпад во депониите сочинува 8-10 проценти од вкупните глобални стакленички гасови.

Во исто време, според проценките на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), дури 3,1 милијарди луѓе ширум светот немаат пристап до здрава храна, а околу 828 милиони луѓе гладуваат.

Преполовете ги количините

ФАО има план за одржлив развој според кој сака да го преполови отпадот од храна во малопродажба и од страна на потрошувачите до 2030 година, како и да ги намали загубите долж синџирите на производство и снабдување.

Како што велат, целта е да се намалат загубите на храна и максимално да се искористи постоечката за да се прехранат што повеќе луѓе. Решението го гледаат во иновации, технологија и инфраструктура за намалување на загубата и трошењето, а тоа се однесува на кратки синџири за снабдување, складирање во ладилници, начинот на кој храната е означена со рок на траење и употреба итн.
Посочуваат и дека храната никогаш не е отпад и дека со примена на кружната економија може да се претвори во компост или да се користи за производство на биогас и слично.

Како да не се фрла?
Внимателно планирајте ги оброците, а потоа и купувањето. Слободно купете производ на кој му истекува рокот, бидејќи храната како бисквити, тестенини, ориз и слично може да се јаде и после тоа време. Откако ќе ја купите храната, чувајте ја правилно – на ладно и темно место или во фрижидер. По отворањето, повторно затворете ги пакувањата цврсто или префрлете ги во пакување со капак. Ако не го направите ова, ќе се случи, на пример, зеленчукот и овошјето да овенат, да се исуши отворената паштета, а лебот да мувлоса.

Побарајте групи за донирање храна во ваша близина, не двоумете се да го понудите вашиот вишок. Зарем не е подобро некој да го јаде отколку на крајот да го фрлите?

Ако живеете во куќа, направете место за компостер во градината и фрлајте го таму отпадот од овошје и зеленчук. Фрлајте го отпадот во назначените канти и контејнери кои кај нас баш и ги нема многу, а и којзнае каде навистина завршува одвоениот отпад, но тоа е друга тема. Правете тоа што треба, па да се надеваме дека некој некогаш ќе го среди и тој проблем, односно, ќе се најде решение за нашиот селектиран отпад.
Од друга страна, продавниците за малопродажба и компаниите кои се занимаваат со храна треба повнимателно да ги планираат набавките, да ги подобрат начините на складирање на храната, да организираат поповолни набавки на свежо овошје и зеленчук пред тие да станат непривлечни за клиентите. Рестораните можат да го донираат својот отпад во разни засолништа за животни или на мали фармери за свињи итн.

Производителите на житарки, овошје и зеленчук, како и рестораните, можат да контактираат со постројки за биогас кои храната ќе ја претворат во енергија.

Затоа што, да повториме, храната не е, не може и не смее да биде отпад!