Игор Петек: Љубљана е зелена престолнина на ЕУ, но и Скопје има шанси

Имиџот на зелена држава, не е само маркетиншки трик. Словенците сосема сериозно се движат кон општество со принцип на нула отпад, иако, како што вели првиот човек на секторот за собирање отпад во љубљанското претпријатие Водовод и канализација „Снага“, целосното остварување на овој концепт е речиси невозможно и во реалноста претставува само стремеж кон што помалку ѓубре. „Најважно е селектирањето на ѓубрето, а потоа сѐ оди многу бргу“, не охрабрува господин Петек кој деновиве во Скопје и Македонија, ужива во нашата храна и во дружба со нашите Ротаријанци

0
366

Деновиве, втора година по ред, во Македонија дојдоа претставници од словенечкот Ротари клуб Логатец кој е збратимен со неколку ротари клубови во Македонија. Од минатата година заклучно со оваа, 2019.година, претседател на овој Ротари клуб е македонскиот уметник Диме Темков кој живее во Словенија веќе две ипол децении.

Во оваа екипа која ја запознавме уште минатата година, освен Темков, се и адвокатот Матија Јамник, скулпторот Васја Урлих, архитектот Гашпер Демшар, банкарот Матијаж Рибаш, економистот Златко Лазаревиќ и нашиот соговорник Игор Петек, инаку, прв човек на секторот за собирање отпад во љубљанското претпријатие Водовод и канализација Снага“.

Тема на нашиот разговор со господин Петек, се разбира, е отпадот, а тој е токму вистинскиот човек кога треба да се побара совет како да се исплива од сопственото ѓубре и да се стане зелена престолнина на Европа, бидејќи токму тоа е титулата која овој град ја носи веќе неколку години.

И токму господин Петек, односно, најмногу тој, е и главната причина поради која шетајќи со дел од овие Ротаријанци низ Скопје и околината, минувајќи покрај препознатливите слики со ѓубре покрај контејнерите, по улиците и тротоарите, покрај реките и шеталиштата, нашите глави автоматски се вовлекуваа во рамениците, а чекорот ни се забрзуваше. Што побргу да се одминат неубавите слики бидејќи се тие и наша слика и прилика. Но, за чудо, наместо надмен однос, цоктање со јазикот и погледи полни прекор и неверица, нашите гости не тешеа. На пример, адвокатот Матија, ни раскажа: Пред 30 години во селото во кое јас растев, во околината на Љубљана, селаните го собираа ѓубрето во големо буре кое кога ќе се наполнеше со ѓубре, го празнеа веднаш покрај Сава“.

Ако го занемариме фактот дека тоа било пред три децении, ова искрено признание ни беше мала утеха.

Го прашавме господинот Петек да ни објасни како ѝ успеа на Љубљана да дојде до титулата зелена престолнина на Европа и да се најде на врвот, по одвојување на отпадот, пред Талин и Хелсинки, во новата студија на европската комисија која ги посочува главните градови на Словенија, Естонија и Финска како врвни изведувачи во селектираното собирање на отпад.

Во оваа студија тие се презентирани како примери на најдобри практики во селектираното собирање на отпад што е веќе законска обврска во Европа, а Словенците досега одвојуваат веќе 70 отсто од отпадот, и тоа Љубљана го прави веќе 7 години.

Било да станува збор за мешан, гломазен или за биоотпад, сѐ завршува во еден центар, но во одвоени погони. Таму се собира и се преработува 40 отсто од ѓубрето од цела Словенија и овој Центар за управување со отпадот е најмодерен во Европа, а лоциран на само 3 ипол километри од центарот на градот.

Оваа фабрика е отворена пред 3 години, а чинеше 155 милиони евра, повеќето од европски фондови. Но, не мора да се почне со толку скапа и голема инвестиција. Постои и поефтин начин. Био-отпадот има свој сопствен систем, па после третманот и аеробна или анаеробна преработка, неговиот поквалитетен дел се користи за компост кој во мали пакувања ние им го продаваме на граѓаните, а оној другиот служи како погонско гориво, почнува да ни објаснува нашиот скромен соговорник кој со жар и неуморно зборува на својата омилена тема – филозофијата на нула отпад.

Го прашавме дали, според состојбата што ја виде во Македонија, мисли дека имаме некаква шанса некогаш и ние да се справиме со нашиот отпад.

Да, да, секако дека има и шанси и надеж. Најважно е да се почне со одвојување на отпадот. Тоа е токму она што ние го направивме, а потоа сѐ се одвиваше многу брзо. Принципот е доста едноставен и логичен: на граѓаните им е овозможено одложување на хартија, стакло, пластика и амбалажа во 4 одделни канти кои им се поделија уште на стартот на сите кои живеат во семејни куќи, како и на секој влез во станбените згради. Со контејнерите за одвоен отпад по системот од врата на врата почнавме од 2012.година и истиот момент ја намаливме фреквенцијата за празнење на мешаниот комунален отпад. Тогаш многу порасна одвоеното собирање отпад и денеска уште расте, па така дојдовме до 70 отсто. До 2025 година сакаме да достигнеме 75 отсто во рециклажа, а вкупната количина отпад кој граѓаните го фрлаат, буквално да го преполовиме.

Ова е возможно и кај вас, и тоа, освен за кантите за одвоен отпад, не бара веднаш голема почетна инвестиција, дури можат да се употребуваат и старите камиони за собирање отпад. Значи, прво и најважно е да се воведе одвоеното собирање отпад и на тој начин она што е во отпадот што побргу да дојде до производителите и наместо отпад да стане суровина. Најважно е во целокупниот систем на јавната услуга да се преработува био-отпадот, и да се употреби било каде. Во Љубљана таа промена чинеше 2 ипол милиони евра за 400.илјади жители и сите добија посебни канти. Ако има волја, може да се направи ова“, ни дава надеж Петек и додава дека, иако не се најважни, нужни се и казни за оние кои не се придржуваат до правилата.

Претходно кај нас се воведе системот плати колку што имаш отпад, ако имаш повеќе отпад, плаќаш повеќе. Во Љубљана тоа зависи од волуменот и се плаќа само за мешан комунален отпад и многу помалку за биолошки отпад. Сѐ останато, собирањето на хартија, пластика, стакло и амбалажа, спаѓа во цената на мешаниот комунален отпад. Тој систем за покажа како едноставен и добар“, објаснува нашиот соговорник.

Но додека кај Словенците сето тоа изгледа едноставно и јасно, кај нас изгледа прилично безнадежно.

Во Љубљана, на 67 локации во центарот на градот има подземни контејнери со кои тие го решиле проблемот со пренатрупаните контејнери. Овие подземни контејнери функционираат со помош на персонализирани картици кои ги имаат сите кои живеат во тој реон. Секое фрлање на ѓубре се бележи, а на крајотод месецот стасуваат сметки. Тие, пак се намалени и ако пред седум години секое семејство плаќало во просек 11 евра, денеска плаќаат помалку од 8.

А се очекува да се корегираат и во иднина.

Подземните контејнери чинеа околу 110 илјади евра секоја, а се отвараат со помош на магнетна картица. Во поширокиот центар на градот се поставени зелени острови, додека секоја зграда има задолжен број контејнери за двата вида отпад кои се наплаќаат. Сметките се испорачуваат кај управителите кои потоа ги распоредуваат на сопствениците на становите во зависност од бројот на членови на домаќинствата“, објаснува г.Петек.

Малку резигнирано, прашавме дали не станува тука повеќе збор за менталитетот на луѓето, па тој искрено ни кажа дека тие многу работеле токму на ова – на промена на мислењето на луѓето, а ги употребувале сите можни канали на комуникација со граѓаните, интернет, фејсбук, твитер, преку нивното списание, а секако, вели, многу направија и медиумите.

Истовремено, правевме и кампањи за повторна употреба. Отворивме центар за повторна употреба, работилница, поточно, социјално претпријатие во кое вработивме жени над 40 години на кои ова им беше прва работа. Во оваа работилница земавме од отпад она што можеше повторно да се употреби и се продаваше по симболични цени. На пример, од стари фармерки тие направија торби кои децата ги носеа на училиште. И не беше намера тука да доаѓаат само луѓе од социјално пониските слоеви, туку сите, а тоа е веќе случај и овој центар од година во година работи сѐ подобро. Имено, ние во еден момент сфативме дека не треба да се занимаваме со кантите, туку со луѓето, и дека треба со нив да комуницираме“, вели Петек.

Основното мото со кое почнала нивната кампања гласело: старо е, но уште е добро, а можеби е уште подобро зашто е старо. Како музичка илустрација за тоа ја зеле прилично непознатата песна на нивниот пејач на шлагери Ото Пестнер кој ја извел кон крајот на 70. на фестивал во Опатија.

Ако можеше да се искористи оваа стара песна, може и сѐ друго“, вели г.Петек.

Од тогаш тргаат и безбројдруги иницијативи, најпрвин кампања за купување на фер производи, потоа отварање на погоре спомената работилница во која се репарираат отфрлени предмети, итн.

И покрај сѐ, тој смета дека нула отпад е цел која никогаш не може баш до крај да се постигне, но дека е многу поважен патот отколку целта.

Целта не е нула отпад, туку што повеќе или уште подобро – сѐ, да стане суровина и што повеќе да се продолжува животниот век на сите производи. Најважно е да знаеме каде сакаме да одиме и што сакаме да направиме со отпадот и затоа е многу важно да ги правиме вистинските работи, а не е најважно да се постигне нула отпад. Важно е да се има што помалку отпад“, објаснува Петек.

А Љубљана на дело покажа дека оди по вистинскиот пат, и затоа е меѓу првите три градови во 2016.година, град со најдобар систем и најдобра пракса на одвоено собирање на комунален отпад.

Тие правеле и кампања против отпад на храна со цел да се смени односот на луѓето кон храната, па како резултат на оваа кампања се намалило учеството на храна во биолошкиот отпад.

Ги наговоривме граѓаните на одмерен конзумеризам, значи, да се купува само ако нешто ви треба, а не да се купува само затоа што е нешто ефтино.

Се обидуваме да ги опоменуваме луѓето на одвојување зашто она што доаѓа како помешан комунален отпад, е веќе половина изгубено како суровина“, вели тој.

За крај, го прашавме, како се справува со својот отпад додека е во Македонија.

Кога човек ќе се навикне, навистина е многу тешко кога треба да фрлиш макар едно парченце хартија во мешан комунален отпад. Многу ми е жал, но мораме да се прилагодиме кон локалните правила. На запад се тие слични, но тука, во Србија, Косово, Хрватска, главно, отпадот сѐ уште не се одвојува. Затоа е важно системите да се слични. Но, има надеж. Мора да одиме со многу надеж во иднината и мора да се направи систем кој е добар и за граѓаните и за околината. Мора да ја чуваме планетата за нашите деца и да не ја загадуваме затоа што постои можност и човекот да исчезне. Веќе трошиме повеќе од 50 отсто од ресурсите од она што може Земјата да го надокнади. Ако продолжиме вака, ќе ни требаат три земји“, порачува господин Игор Петек кој се обидува да живее така како што зборува. На пример, секој ден оди на работа со велосипед, вкупно 28 километри во двата правци.