Камперски крофни

Еве доказ дека кога сте добро опремени, дури и во камперски услови можете да правите најразлични деликатеси.

0
542

Госпоѓа Тијана чие семејство веќе со години кампува во авто-кампот Љубаниште на брегот од Охридското езеро е изверзирана и опремена за камперско готвење па покрај неа таму нема никогаш да бидете гладни.

Ова лето, за неа и за сопругот Дени, а особено за нивните две деца Даут и Адам, вистински хит се крофните кои веќе ги пробале сите во кампот.

Имено, двајцата браќа уште отсега покажуваат добар претприемнички дух па нивната мајка која отпрвин правела крофни само за нив и за најблиските соседи во кампот, наскоро морала да докупи уште два апарати за правење крофни.

Сега сите три „крофномати“ работат со полна пареа, а децата кои по симболична цена им ги нудат на камперите и на оние кои дошле да поминат еден ден на плажа, на овој начин си го заработуваат џепарлакот, но и никогаш не им е здодевно.

Еве го и рецептот кој Тијана несебично го сподели со нас.

Состојки за 35 до 40 крофни:

2 јајца

5 лажици шеќер

200 мл јогурт

100 мл зејтин

1 прашок за пециво

Околу 10-15 лажици брашно (ќе додавате се додека тестото не стане толку густо што кога ќе го ставате во апаратот треба да ја затресете добро лажицата за да падне внатре)

Шеќер во прав за поросување

Чоколаден прелив

Приготвување:

Се матат јајцата со шеќерот, се додаваат јогуртот и зејтинот, а потоа полека се додаваат брашното и прашокот за пециво.

Тестото треба да е многу густо и за да го ставите во калапите за крофни во апаратот ќе треба да ја затресете лажицата или да си помогнете со прстот.

Калапите треба да се наполнат брзо, а се става по половина голема лажица тесто во секој отвор (наеднаш можат да се печат по 7 крофни).

Кога ќе се испечат се редат во тепсија или во голема чинија и се поросуваат со шеќер во прав и по желба, со чоколаден прелив.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here