Копарот е крал на шведската кујна!

Почнаа Деновите на шведска кујна во „Дистрикт“, а ние бевме меѓу првите кои ги пробаа специјалитетите зготвени под „диригентската“ палка на маестро Магнус Албректсон. Да, би можеле да живееме на мариниран лосос, но и на секое друго јадење во кое царува копарот

0
187

Синоќа, во ресторанот „Дистрикт“, а под мотото Try Swedish!, отпочнаа Деновите на шведска кујна кои ги отвори шведскиот амбасадор во Македонија Матс Стефансон, а првите специјалитети ги вкусија претставници на онлајн заедницата на љубители на гастрономијата и новинари.

Во текот на деновите на шведска храна во Македонија кои годинава се одвиваат од 7 до 16 јуни ќе може да се пробаат разновидни рецепти – традиционални јадења како шведски ќофтиња со лингонбери бобинки, мариниран лосос со сос од сенф и копар, телешки бифтек со аспарагус, десерти со екстракт од сладок корен, коктели и други специјалитети зготвени под палката на шведскиот маестро-шеф Магнус Албректсон.

Овој шведски мастер-шеф има готвено за многу „Мишелин“ ресторани, но и за свечената вечера по повод доделувањата на Нобеловата награда, која секоја година ја организира шведското кралско семејство.

Во неговите кулинарски способности се уверивме на синоќешната дегустација на специјалитетите кои ќе бидат на менито на Деновите на шведска храна, од кои, највкусен беше токму и оној најкарактеристичниот за шведската кујна-маринираниот лосос сервиран на препечено парченце леб, во комбинација со сенф и копар, зачин кој на мое големо задоволство, тие го користат во речиси сите рецепти.

Се разбира, одлични беа и сите други специјалитети што ги пробавме, па така и оние без кои, како што рече шеф Магнус, е незамисливо традиционалното шведско мени, ќофтенцата со џем, потоа, телешкиот бифтек и вкусниот сладолед од јагоди, нешто што и онака е секогаш на врвот од „шлагот“.

И за да не биде дека само ние сме пробале, имате уште цели осум денови до крајот. Ако не можете вие да одите во Шведска, ете „Шведска“ дојде кај нас, во ресторанот „Дистрикт“, во центарот на Скопје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

1 + one =