Министерот за земјоделство ги бендиса ѓомлезето, биеното сирење и домашната мастика

0
598

Со потписите на министерот за земјоделство Љупчо Николовски и претседателот на националниот одбор на здружението Слоу Фуд Македонија,  Николче Николовски,  се официјализираше соработката помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и националната организација Слоу Фуд Македонија.

Меморандумот предвидува соработка во повеќе области, а меѓу приоритетните е користењето заштитени ознаки за квалитет.

Имено, иако се донесени поголем дел од законските решенија за заштита на традиционалната храна, досега имаме само еден регистриран производ со ознака за квалитет – охридската цреша.

По овој повод, Николче Николовски на министерот му ја достави Листата со традиционални производи во Република Македонија, на која Слоу Фуд Македонија работеше изминатиот период. Листата со традиционални производи е иницијален чекор во процесот на заштита на традиционалните производи со „ознаки за квалитет“.

Имено, врз основа на воспоставената методологија за собирање, обработка и систематизација на добиените податоци, беа мапирани 153 производи, од кои 51 понатаму подетално се истражија и опишаа. Оваа иницијална листа со традиционални производи, претставува основа и модел кој нуди можност за натамошно доградување.

Слоу Фуд Македонија претходно склучи Меморандум за соработка и со Агенцијата за храна и ветеринарство. Засега активностите се фокусирани на донесување нов правилник за директна продажба на традиционални и анимални производи во мал обем. 

Слоу Фуд во Македонија веќе 10 години делува со цел да се заштитат и промовираат автентичните македонски прехранбени производи. До денес, на Арката на вкусови се поставени 36 производи од Република Македонија, а се воспоставени 5 Президиуми, асоцијации на производители, кои произведуваат автентични производи, репрезенти на нашата земја на голем број меѓународни саеми за храна.

По потпишувањето на меморандумот во просториите на Министерството, шеф Дејан Карапеев од Алијансата на готвачи на Слоу фуд пред присутните ја презентираше гозбата подготвена од традиционални македонски производи. Министерот Николовски најмногу ги бендиса ѓомлезето, биеното сирење и домашната мастика.