Ручек врз остатоците од Римската империја

Благодарение на нашиот домаќин Диме Темков, кој секогаш ни ги открива скриените богатства на Словенија, се најдовме на Ад Пирум - римска тврдина во која е сместена гостилницата Стара пошта. Дотаму стасавме возејќи се по повеќе од две илјади години стариот пат што ги водел Римјаните кон Емона. А во некогашната пошта не чекаше највкусниот ручек – гулаш со дивеч и палента

0
204

Сега ќе ве носам до Љубљана по еден спореден пат, пократок е, ама преку планина“, ни соопшти нашиот домаќин Диме Темков кога тргнавме од Логатец кон Љубљана. Станува збор за патот Логатец-Ајдовшчина, во рамките на археолошкиот парк, стар повеќе од две илјади години, пат што ги водел Римјаните кон Емона.

Тука Римјаните ја поставиле својата воена тврдина, чија цел била да се контролира сообраќајот на овие важни транспортни правци. Остатоците од оваа тврдина се видливи и денес, а во последниве години, по асфалтирањето на патот од Логатец до Колу, исто така, се лесно достапни.

Ако некогаш и вие го изберете овој пат, одете прво во музејот, кој ќе ви каже за историјата на Хрушица и старата пошта. По посетата на музејот, ќе ги видите остатоците на Римската тврдина, а пред да продолжите понатаму задолжително окрепете се со еден гулаш, токму тука, во ресторанот Стара Пошта во Хрушица кој некогаш навистина бил пошта. Нашиот „водич“ тврдеше дека внатре, на шанкот, се уште можат да се купат и да се испратат разгледници. Сепак, разгледници не најдовме, но затоа го пробавме највкусниот гулаш со дивеч и палента.

Инаку, пократкиот пат по кој не возеше Диме, водеше преку археолошкиот парк и римската тврдина Ад Пирум која се наоѓа на највисоката точка (858 м) од римскиот пат, кој водел од Аквилеја (преку Хрушица) до Емона (Љубљана). Патот бил изграден во периодот кога областа на сегашна Словенија била дел од Римската империја.

Припаѓа на скриените богатства на Словенија, кои многумина не ги знаат, но не и Диме. Тој ги знае сите споредни патишта и скриени бисери на Словенија кои несебично ги споделува со своите гости од родниот крај.

И тука, кадешто некогаш Римјаните ги менувале коњите на патот кон Емона, ние се освеживме во гостилницата со специјалитетот на куќата, веќе споменатиот гулаш со месо од дивеч за кој не сакав да знам дали е од дива свиња или од срна. Греота и за едното и за другото, ама некако, сите ние кои ги сакаме животните, но понекогаш лицемерно сакаме и да си каснеме мевце, помалку се натажуваме кога ќе ни кажат дека јадеме месо од дива свиња, отколку од мајката на Бамби.

Оф, веројатно ќе треба да се исповедам и да направам нешто за да ја исчистам оваа грижа на совест која ме изеде откако со огромно задоволство го „смачкав“ вкусниот гулаш.