Нашиот миленик – лимоново дрво засадено во напола пресечено буре

Преку зима стоеше на скалите во влезот во куќата зад амбулантата на СВР, а лете, со помош на замолениот најдобар сосед, ритуално и внимателно, со четири раце, беше изнесувано во дворот. Беше таму и додека растев и за мојата полуматура...

0
143

Автор: Александар Темков

Во кутијата со спомени од детството, една слика посебно загадочно трепери: сликата на лимоновото дрво кај дедо ми и баба ми, засадено во напола пресечено сино-бело буре со полуизгребани букви за некоја за мене тогаш непозната „ИНА“.

Иако тогаш на инфантилна четири или пет годишна возраст, „лимонот“ (така го викавме, како миленик ни беше) прво со темно зелените, потоа зелено-жолтите и на лето со живо светло-жолтите украси, имаше посебна симболика за мене: тоа беше целогодишна зимзелена новогодишна елка. Преку зима стоеше на скалите во влезот во куќата зад амбулантата на СВР, а лете, со помош на замолениот најдобар сосед ритуално и внимателно со четири раце беше изнесувано во дворот.

На лимоновото дрво со своите виолетови цветови, весело распосланата крошна и темнозелените сјајни како со зејтин намачкани листови, башка на мирисот кој се ширеше по скалите и од просторот под вратата, мистериозно како кадар од трилер и влегуваше во домот, се сеќавам како на едно од најубавите растенија кои раскошно и штедро распалуваат визуелни и сетилни доживувања, освежуваат и развеселуваат.

Дури подоцна научив за волшебниот Витамин Ц кој ние самите биолошки не сме способни да го создадеме – но не можеме да живееме без него барабар како без вода и воздух, но и за лисјата на дрвото на лимонот кои испуштаат фитонциди –супертерминаторите на бактерии во просториите.

И на лимон жолтата боја како боја на сонцето, надежта, на позитивноста и оптимизмот, на просветлувањето, лојалноста и најмногу на радоста.

Лимоновото дрво живееше долго, растеше и раѓаше лимони и пред јас да се родам. Беше таму и додека растев и за мојата полуматура. И од денешна дистанца, кога сега во моментов гледам едно друго лимоново дрво и се сеќавам на овој далечен роднина на дрвото на мојот живот, со насмевка се сеќавам и на тогаш не толку радосните карања и бркотници од моите мили стари родители по тој со радости и мириси пребогат двор – сѐ заради тој еден, од инает скинат недозреан лимон од лимоновото дрво.