Не дај Боже хварските цени да дојдат на нашите пазари

Домашните домати чинат 20-30 куни (околу 150-180 ден.), тиквичките се 1 евро парче (оние поефтините, во маркетите), а две мали дињи и една поголемка долгнавеста лубеница на поефтиниот староградски пазар чинат 35 евра (околу 2 илјади денари)...

0
813

После нашите цени на зеленчук и овошје, цените на пазарите во Хрватска, а особено на островите, навистина се шокантни.

На пример, домашните, хварски домати чинат 20-30 куни (околу 3 евра или од 150 до 180 денари), тиквичките се 70 куни или 1 евро парче (оние поефтините, во маркетите), а две мали дињи и една поголемка долгнавеста лубеница на поефтиниот староградски пазар чинат 35 евра (или околу 2 илјади денари)…

Грозјето е 50 куни (околу 500 денари за килограм), црешите се 55 куни, а преубавите далматински смокви 30 куни (околу 300 денари). Домашните круши се 25 куни (околу 250 денари), а домашната боранија е 30 куни. Праските, оние увозните, се 45 куни, а нектаринките се 40 куни, односно, околу 6-7 евра.

За останатите производи кои се купуваат од маркетите, важи истото – цените се барем трипати поголеми од нашите.

На пример, литар млеко е околу 1 евро, а 10 јајца се нешто повеќе од 2 евра, а лебот е од 9 куни па нагоре, значи, околу 90 денари, со тоа што може да се купи и само пола.

Бананите се 10 куни, а тоа е околу 1,5 евро, што е и најблизу до цената на нашите.

Но затоа, можете да купите полна торба лански рогач (во 500 грама има навистина многу затоа што мешунките се лесни), спремен за грицкање за 15 куни или за само 2 евра.

Домашното маслиново кое го продаваат на пазар како масло со врвен квалитет го нема под 100 куни, а спорно е колку е навистина домашно и врвно.

Тоа што го пробавме ние, беше полошо и од оние италијанските во пластика што се продаваат кај нас, па веројатно, како што ни објасни нашата пријателка од Хвар, го мешаат со некое ефтино од маркетите па го продаваат како домашно.

Имено, нашата пријателка која прави маслиново масло само за потребите на нивното семејство вели дека ланската година била лоша и дека никој не извадил толку маслиново масло кое би останало и за годинава.

А тука се прават и многу други локални марифетлаци како што се сувите смокви (многу се повкусни од турските), мед со лаванда, мед со жалфија, со рузмарин, оригано и уште многу, многу вкусни, ароматични, „слоу фуд производи“.