Необични задоволства на Деновите на шведската кујна

Шведскиот мастер шеф Магнус Албректсон, заедно со главниот шеф на Скопје Мериот хотел и Дистрикт ресторан, од 31. мај до 9. јуни повторно во Скопје ќе понудат иновативно мени, полно со разни изненадувања

0
37

Необичните и несекојдневни вкусови на шведската кујна ќе имаат можност да ги откриваат гастрономите и љубителите на вистински специјалитети на Деновите на Шведска кујна во Дистрикт бар и ресторан. Во организација на Шведската амбасада и Дистрикт бар и ресторан под мотото #TrySwedish, деновите на шведската кујна ќе започнат утре (31. мај) и ќе траат до 9. јуни.

Изборот на специјалитетите, иновативното мени, полно со разни изненадувања ќе го состави Магнус Албректсон, шведскиот мастер шеф заедно со (локалниот), главен шеф на Скопје Мериот хотел и Дистрикт ресторан.

Покрај импозантното искуство во приготвувањето храна, Магнус Албректсон е глобално познат по тоа што е еден од ретките готвачи кој ја подготвувал храната за свечената вечера по повод доделувањата на Нобеловата награда којашто ја организира шведското кралско семејство.

„Шведската кујна ја одликуваат несекојдневни комбинации на храна и е базирана на достапноста на локални свежи продукти, кои често се од урбаните фарми во големите градови. Географската разновидност на Шведска е отсликана и во разновидноста на рецептите – од шумски дивеч до харинга, лосос, пастрмка и ракчиња, често во комбинација со бобинки, печурки, сенф и копар. Шведското традиционално готвење е базирано на техники за презервација на храна како пушење, закиселување и засолување, од време кога немало фрижидери да ја преземат таа улога. Всушност, суштината на шведското современо кулинарство е во неговата отвореност за разни комбинации и инспирации, трансформирајќи се себеси без да изгуби контакт со традицијата. Ова носи богатство на вкусови и број на специјалитети – секојдневни или за посебни прилики. Затоа шведската кујна е толку богата, разновидна и полна со изненадувања – нуди едноставни, а незаборавни вкусови“, вели мастер шефот Магнус Албректсон.