Ни ја донесоа чешката кујна, а ги бендисаа македонските ќебапчиња и вина

Готвачите Радек Прихонски и Михал Суханек кои деновиве во ресторанот „Пелистер“ подготвуваа чешки специјалитети, веќе имаат свои фаворити кога станува збор за македонската кујна: ќебапчиња, салати, рибја чорба и македонски црвени вина.

0
206

Шеф Радек Прихонски и неговиот колега и асистент, Михал Суханек, ни ја донесоа чешката кујна во центарот на Скопје. Тие двајца изминативе денови, заклучно со викендов, им овозможија на скопјани да вкусат нешто ново, различно и вкусно.

Шеф Радек Прихонски доаѓа првпат во Македонија, за разлика од неговиот колега кој претходно веќе ја посетил и бил на професионално, кулинарско патување во Охрид. Неговата најдобра дегустација таму била – рибјата чорба.

Шеф Прихонски пак,  е воодушевен од нашето овошје и од зеленчукот. Има само пофални зборови за македонската кујна и вели дека Македонија, благодарение на предноста што ѝ ги даваат климата и почвата, има да понуди навистина прекрасно овошје и зеленчук.

„Деновиве јадам само салати и ладни стартери, и тие се одлични! Но, исто така, морам да ги споменам и ќебапчињата – прекрасен локален специјалитет“, вели шеф Прихонски.

Тој објаснува дека чешката кујна, како земја во регионот на Централна и Источна Европа која историски била и дел од Австро-Унгарија, е доста под влијание од оваа област.

Паштета од пастрмка со салата од цвекло и портокал

„По Првата светска војна, чешката кујна била на исто ниво со француската. Сепак, по Втората светска војна и доаѓањето на комунизмот, кујната доживеа пад. Денеска ние се обидуваме повторно да ја заживееме“, објаснува тој.

Овошни кнедли со крем од слатко сирење

Говорејќи за традиционалните чешки јадења и состојки, Прихонски вели дека камен-темелник на чешката кујна, она што е во нејзината основа, се комплексните сосови и кнедлите.

Чадено свинско месо во зелка, со бело вино и суво грозје

„Исто така,  и „cmunda“ (плескавица од пире-компир) со чадено свинско месо е традиционално јадење што го правиме и во „Пелистер“, вели шеф Прихонски. Зборувајќи за нивната традиционална кујна и прехранбените навики на Чесите, тој вели:

„Традиционално, нашата кујна е побогата со месо, отколку со зеленчук. Ова главно се должи на временските услови во нашата земја, па луѓето се склони кон потешки оброци. Особено свинското месо, подготвено на различни начини, е клучна состојка во нашата кујна“.

Паткини гради со компир и млад спанаќ

Прихонски објаснува дека поминал извесно време работејќи во Јужна Африка и Индонезија и секогаш тежнеел да го примени своето искуство од таму кога подготвува храна за себе и за своите блиски пријатели.

Прашка медена шунка во сос од рен

„Сепак, морам да кажам дека основата на моето готвење доаѓа од моето семејство, особено од баба ми. Јас дури и направив еден од нејзините рецепти деновиве тука, во Пелистер – супа од компири и печурки! Згора на тоа, имав можност да ја научам класичната чешка кујна од стари чешки готвачи“.

На прашањето дали има искуство во некој „Мишелин“ ресторан вели дека пред некое време поминал шест месеци во „Нома“ со Рене Реџепи.

„Тоа беше големо искуство за мене и ми даде еден нов поглед на гастрономијата, од поинаква перспектива, но дознав дека ова готвење на високо ниво, не е мој омилен стил“.

Неделата на чешка кујна за скопјани беше добра можност да ги дегустираат и најдобрите чешки пива, „бадвајзер“ и „козел“, но и добра можност чешките готвачи да ги дегустираат македонските вина.

„Да, пробавме некои македонски црвени вина и мислиме дека се навистина неверојатни“, признаваат нашите соговорници, прашките мајстори Радек Прихонски и Михал Суханек.